Судење за нарко-групата од Грчец / Фото: „Слободен печат“

Шеваљ Муареми во бегство – луѓето кои ги командувал во затвор

И покрај помпезните најави на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и на неговиот наследник Панче Тошковски, дека освен што е разбиена криминалната група Грчец предводена од Шеваљ Муареми и дека ќе се откријат судии, обвинители и полицајци кои соработувале со оваа група што оперира со години, засега се осудени само шестмина припадници на групата „Грчец“ и откриени се двајца полицајци „кртови“.

Судење за нарко-групата од Грчец / Фото: „Слободен печат“

Кривичниот суд вчера ги прогласи за виновни Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени, Бесим Асани, Фати Сулејмановски и Шулејб Сулејмановски, првите четворица за купување и продавање дрога, а последните двајца со исто презиме за злосторничко здружување и двојното убиство што се случи во Топаанско Поле во 2021 година.

Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор пет години, додека Бесим Асани шест години казна затвор за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, Фати Сулејмановски е осуден на 14 години и шест месеци затвор, а Шулејб Сулејмановски на 15 години затвор.

Судијката Фанка Јанчулова Михаиловска повеќе од еден час ја објаснуваше пресудата зошто се докажало дека обвинетите биле дел од групата, но од она што можеше да се слушне, Шеваљ Муареми, наркобосот од Грчец, и Орхан Бајрами – Оки, водачот на групата „Дуќанџик“, кој беше убиен во Грција, биле главните кои им давале наредби и насоки на осудените.

Го оценувале квалитетот на кокаинот

ВИДЕО | Луѓето кои ги командувал Шеваљ Муареми осудени од 5 до 15 години затвор за кокаин и убиства

Четворицата по нивна наредба учествувале во преземањето, превозот и оценувањето на квалитетот на кокаинот што доаѓал од Јужна Америка, а потоа килограмите кокаин си ги делеле Шеваљ, Оки и Жила. Тие давале насоки и за убиството на Африм Бериша Фифи и Бурим Вардари. Шеваљ и Оки одлучиле да го убијат Бериша бидејќи според нив тој бил главниот што ја нападнал групата „Дуќанџик“ во „Александар Палас“ кога беше повреден еден полицаец.

Во судот освен обвинетите и нивните адвокати беа и семејства на дел од осудените. Осудените со презиме Сулејмановски учествувале во убиството, а Вардари кој исто така беше убиен ѝ бил всушност доушник на групата. Судењето помина мирно и без реакции, но со големо полициско обезбедување. Судот ги прогласи за виновни шестмина припадници на групата која инаку брои околу 15 лица, од кои дел се убиени, но голем дел од оние што биле горе на хиерархијата се во бегство. Муареми, кој наводно е во Дубаи, се бара со потерница но одговор од властите нема.

Како што соопштија од Министерството, барањето за негова екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати било испратено на 19 март 2024 година, а примено во ОАЕ на 2 април, но досега нема никаков официјален одговор од надлежните органи таму.

Тој се бара со меѓународна потерница распишана на 4 март 2024 година, но во меѓувреме постојано објавува фотографии на социјалните мрежи. Оваа група беше фатена со докази обезбедени од скај-апликацијата, која пак е главното нешто што го спорат адвокатите и кои ќе поднесат жалба на пресудата.

Некои се во Обединетите Арапски Емирати, некои во Шпанија, некои во Хрватска.

Судење за нарко-групата од Грчец / Фото: „Слободен печат“

– Уште со донесување на наредбата за спроведување на истражна постапка, обвинителството откако доби известување од Основниот кривичен суд Скопје за недостапност на дел од лицата, согласно своите надлежности достави барање до МВР за распишување на национална и меѓународна потерница. Во меѓувреме едно лице беше екстрадирано и за него беше споена постапката што денес заврши со пресуда, за едно лице​ екстрадирано од Р Хрватска постапката е пред донесување на јавнообвинителска одлука, за едно лице во тек е постапка за одлучување по барањето на надлежните органи за екстрадиција од Шпанија, за две лица по доставено известување дека се лоцирани во Обединетите Арапски Емирати, обвинителството достави документација со барање за екстрадиција, за останатите лица нема информација каде се наоѓаат – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Адвокатот на еден осудените Ангел Ѓоргиев рече дека одбраната ќе ги спори токму овие докази бидејќи според него биле обезбедени на незаконит начин.

– Она што цело време го проблематизираме е законитоста на обезбедените докази преку апликацијата скај кое прашање ја засега цела Европа. Апсолутно овие докази се обезбедени на незаконит начин. Француските власти без европски истражен наод упаднаа на хакерски начин на вториот сервер во Лион од каде што ги екстрахираа овие податоци до различни држави во Европа каде се иницирани постапки – рече адвокатот.

Судот пак ги прифатил бидејќи биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.

Министерството за правда сè уште чека одговор од ОАЕ за екстрадицијата за Шеваљ Муареми

Осудените се товарат дека биле вмешани во купување на 15 килограми и 5 грама кокаин, негово пренесување и продавање во државава. Групата, според обвинението, од 2019 до 2021 година неколку пати купувала кокаин од земјите од Јужна Америка и организирала нејзино пренесување преку воден пат до европските земји.

Кокаинот што требало да биде продаден во Македонија, се пренесувал од Белгија и од Албанија преку Косово, а цела операција ја договарал и организирал Муареми, кој бил водач и на меѓународна група заедно со албански државјанин. Двојното убиство, пак, се случи во 2020 година кога со возило со флешери ги запреле убиените и со автоматска пушка и пиштол ги убиле, Фифи со 39 куршуми.

Врски и со меѓународна група

Групата на Шеваљ Муареми е само дел од поголеми меѓународни криминални групи, кои, исто така, се вклучени во организирање набавка и транспорт на кокаинот и најверојатно тие се задолжени за македонскиот пазар на кокаин, дрога што е „ин“ во последниве години. Но, тројцата предводници на Грчец-Дуќанџик мафијата не паднаа во рацете на полицијата.

Муареми со години живее во странство, а двајцата поранешни водачи на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева-Жила, беа убиени во мафијашки пресметки. Криминалната група од Грчец, според информациите што ги соопшти МВР, се товари и за еден обид за убиство, убиство на албански државјанин. Обидот за убиство на Борис Мутков Фантом се случи во 2019 година, кога кон него беше пукано во селото Бардовци каде што живее.

Тогаш се објавуваа информации дека пукањето е поврзано со нападот што се случи во хотелот „Александар палас“, кога беше пукано кон членови на групите „Дуќанџик“ и „Грчец“. Фантом важеше за пријател на Џелал Ајети Џељо од Арачиново, кој беше водач на групата „Беланоца“.

Полицијата има докази за убиството на албански државјанин чие тело беше најдено на 15 мај 2020 година во селото Горна Матка. Трупот беше најден во фаза на распаѓање и беше закопан во дупка. Освен за овие грозоморни настани, тие се поврзуваат и за двојното убиство во Топаанско Поле за кое полицајците одавале информации.
Неделава во судот треба да почне судењето на Раде Трајковски – Штекли, кој е припадник на спротивставената криминална група „Барон-Беланоца“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот