
Секоја институција има различни податоци за адресите на граѓаните, со адресен регистар тоа би се надминало
Придобивки од адресен регистар ќе имаат сите, затоа што со него ќе се овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот и ќе се осигури точноста на податоците, вели директорот на Агенцијата за катастар на надвижности, Иван Живковски.
Агенцијата за катастар на недвижности започнува нова кампања „Катастар до тебе“, која ќе се спроведе во сите општини во Македонија, а првата промоција ќе се одржи утре, 18 септември, во периодот од 16 до 19 часот во Општина Аеродром
Препорачано
Целта на кампањата е институцијата да се доближи до граѓаните преку директна комуникација, отвореност и транспарентност. На располагање на граѓаните ќе им бидат раководители од Катастар, со кои ќе можат да поразговараат и да добијат одговори за проблемите од оваа област.
Вон оваа кампања, услугите на Центарот за катастар на недвижности, кој ги работи предметите за градот Скопје се достапни за граѓаните од наутро до 20 часот навечер, а отворени се и неколку подрачни канцеларии како на пример во Автокоманда за жителите на општините Гази Баба, Бутел и Чаир, како и во Драчево за за граѓаните од Драчево, Пинтија, Зелениково, Долно Лисиче, Студеничани и околните населени места.
Директорот на Катастар, Иван Живковски, во интервју за МИА најави дека се работи на подготовка на Адресен регистар, проект најавен пред многу години, со којшто треба да има унифицираност во податоците за адресите и ќе нема случаи во една зграда дел од становите да се водат на една улица, друг дел на друга, како и со промена на имињата на улиците кога во некои документи стои старото име во други новото. Катастарот веќе подготви апликација за Графичкиот регистар за улици и куќни броеви.
До крајот на јули 2023 година заврши теренското прибирање на податоците за улиците и куќните броеви и согласно одредбите од Законот за катастар на недвижности воспоставен е Графичкиот регистар на улици и куќни броеви за сите населени места на територијата на државата. Графичкиот регистар на улици и куќни броеви е воспоставен врз основа на теренски прибраните податоци и претставува преодно решение до воспоставување на Адресниот регистар – посочи Живковски.
Апликацијата за Графичкиот регистар за улици и куќни броеви се наоѓа на веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности и содржи огромен број на податоци и во неа може да се направи увид во теренски прибраните податоци за улици и куќни броеви. Притоа, секој граѓанин може да ги провери понудените податоци во однос на името на општината, името на населеното место, на улицата, куќниот број и слични податоци и да реагира доколку тие се разликуваат.
Најкористените шест услуги од Катастар се достапни електронски
Како што објаснува Живковски за да се воспостави ажурен, сигурен и доверлив Адресен регистар, потребно е и општините активно да се вклучат во постапката на потврдувањето на теренските податоци. Тие треба да ги отстранат сите недостатоци во однос на именувањето на улиците, нумерирање на објектите и нивна евентуална ренумерација.
Во моментот, Адресниот регистар, согласно постоечкиот закон се води во Централниот регистар на Македонија во кој е застапен само описниот дел, без графичка компонента и кој се полни со информации врз основа на податоците од електронската евиденција која ја водат општините и градот Скопје. За конечен и функционален Адресен регистар, пред сè, треба да се донесе Закон кој ќе ја регулира оваа проблематика и ќе ги дефинира функциите и начинот на кој ќе функционираат сите вклучени актери и воопшто целиот процес – вели директорот на Катастар.
Придобивки од адресен регистар ќе имаат сите институции, како и сите правни и физички лица во Македонија, затоа што со него ќе се овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот и ќе се осигури точноста на податоците, вели директорот на Агенцијата за катастар на надвижности, Иван Живковски.
Во моментот секоја институција води различни податоци за адресите на граѓаните (ЕВН, водовод, МВР и др) и тие се разликуваат една со друга. Со воспоставување на Адресниот регистар, ќе постои унифициран начин на водење на адресите и преку сервиси секоја општина, институција ќе може да ги користи. Со еден збор, ќе има унифицираност во податоците за адресите. Со тоа, ќе се избегне разноликоста на податоците. Како пример, би го навел тоа дека во една зграда дел од становите се водат на една улица, друг дел на друга. При промена на имињата на улиците, во некои документи стои старото име во други новото и слично – истакна Живковски за МИА.