Секој изминат ден во изградба на 17-катницата, сѐ поскапо ќе ги чини карпошани

Фото: О2 иницијатива

Од Општина Карпош нема одговор на прашањето дали ќе се поништи одобрението за градба или ќе се дозволи и понатаму да се гради, дали ќе се бара ново конзерваторско мислење и најважно, дали граѓаните ќе ја плаќаат отштетата која ќе биде се поголема со секој изминат ден на изградба?

Продолжува молкот од Општина Карпош и после цела недела откако Конзерваторски центар го поништи претходно издаденото позитивно конзерваторско мислење за 17-катницата која започна да се гради во заштитена зона во реонот на Воена болница. Молчи и градоначалникот Стевчо Јакимовски и стручните служби, а нема ниту реакција од Министерството за транспорт и врски и од Државниот инспекторат за градежништво.

Од Општина Карпош нема одговор на прашањата дали ќе се поништи одобрението за градба или ќе се дозволи и понатаму да се гради, дали ќе се бара ново конзерваторско мислење и најважно, дали граѓаните на крајот ќе ја плаќаат отштетата која ќе биде сѐ поголема со секој изминат ден на изградба?

Конзерваторското мислење беше поништено на 21 февруари бидејќи не било во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање конзерваторско мислење. Ден потоа беше известена и Општина Карпош. Но, одобрението за градба сѐ уште не е поништено иако, меѓу другото еден од неопходните документи за да се добие е токму конзерваторското мислење. Така прецизира Законот за градење.

Доколку е поднесено барање за одобрение за градби кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство согласно со закон покрај доказите од ставот (2) на овој член се доставува и конзерваторско одобрение издадено од Управата за заштита на културно наследство и изјава од барателот дадена под полна материјална и кривична одговорност со која истиот ќе потврди дека конзерваторското одобрение се однесува на проектот доставен преку информацискиот систем е- одобрение за градење, се посочува во член 59 од Законот.

И додека надлежните молчат, граѓанските организации продолжуваат да ја водат „битката“ и да ги притискаат институциите да го работат она што им е обврска. Советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ денеска поднесоа иницијатива за свикување вонредна седница за да го задолжат градоначалникот и стручните служби да го поништат одобрението за градба на 17- катницата кај „Макпетрол“. Тие ја најавија иницијативата уште претходниот ден очекувајќи поддршка од другите советници. Но, поддршка добија само уште од советниците на Левица.

Поднесовме иницијатива, не собравме доволно потписи, освен Левица никој друг не даде поддршка. Сега останува Претседателот на Совет, Бранко Ристов ( Левица) да ја свика по своја иницијатива. Осум советници имаа дадено потписи за вонредна седница за ДУПот во Ѓорче Петров, за ова само 6 сме…- вели советничката Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Таа објаснува дека веќе поднеле допис и до Министерството за транспорт и врски и до Државен градежен инспекторат. Уште во петокот испратиле допис и до градоначалникот, правната служба, одговорните во Сектор за урбанизам и Сектор за уредување на градежно земјиште и комунални работи, да го поништат одобрението за градење, зошто секој ден само повлекува поголеми финансиски импликации. Вчера се обиделе да добијат информација зошто уште не се постапува, но одговор не добиле.
Сега, преку евентуално одржување на вонредна седница се обидуваат да извршат притисок за поништување на одобрението за градба.

Ова го правиме за дополнителен притисок да го сторат тоа што поскоро зошто очигледно не им е важно ако се трошат пари на граѓани за судски процеси. Инаку, за неспроведување на одлукава се одговара по Закон за управна постапка и за тоа треба да одговараат конкретни лица, а не цела општина, т.е жителите да плаќаат – вели Георгиевска.

Во меѓувреме продолжуваат градежните работи за изградба на висококатницата според одобрението за градба издадено уште на 18 јануари, иако граѓанските организации постојано укажуваа дека конзерваторското мислење не е валидно и бараа Министерството за култура да го поништи. Поништувањето стигна откако теренот беше заграден, исчистен и започнаа градежните активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот