Концерт „Балканска арт сцена“ на „Скупи Камерфест“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Седмото издание на фестивалот на камерна музика „Скупи Камерфест“ се одржа во Скопје и Тетово

Во првата половина од септември се одржа седмото издание на меѓународниот фестивал на камерна музика „Скупи Камерфест“. Овој фестивал го организираше здружението „Муза“ со уметничкиот директор, виолинистот Блерим Груби, а под раководство и координација на Лек Груби.

„Скупи Камерфест“ годинава се одржа во периодот од 5 до 16 септември во Скопје и Тетово. Во двонеделниот период беа претставени пет камерни концерти, на кои учествуваа музичари од повеќе европски земји, како што се: Франција, Италија, Унгарија, Австрија, Албанија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија.

Треба да се напомене дека во поддршка на нивните уметници, а во соработка со фестивалот, беа и амбасадите на Австрија и Унгарија – кои веќе неколку години го поддржуваат фестивалот.

Концертите од ова издание беа насловени со тематско-описни наслови според формацијата на уметниците кои настапија. На овој начин, фестивалот го започна седмото патување со концертот „Hungarian String Harmony“ – со триото составено од Júlia Pusker на виолина, Máté Szűcs на виола и Balázs Dolfin на виолончело.

Настап на Вадим Чијик и Нита Груби / Фотографија: Маја Аргакијева

Вториот концерт беше под наслов „A Parisian in Duo“, каде скопската публика имаше можност да го слуша виолинистот со руско-француско потекло Vadim Tchijik, заедно со пијанистката од Северна Македонија, Nita Grubi.

Третиот по ред беше концертот „Austrian Classics in Duo“, кој го донесе австриското дуо во состав виолинистот Clemens Bock и пијанистката Christina Scheicher. Ова дуо е познато и под името „Accio Duo“, кои за вакви специјални пригоди настапуваат заедно, инаку се дел од „Accio Piano Trio“.

Концерт во Тетово / Фотографија: Маја Аргакијева

Четвртиот концерт се одржа во Тетово, во концертната сала на државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“, каде тетовската публика можеше да го слушне гитаристот Luciano Pompilio и сопранот Giusy Pompilio, двајцата од Италија.

Петтиот и последен концерт за ова издание се врати во Скопје, со свеченото затворање со концертот кој е веќе неколку години симбол на фестивалот со наслов „Balkan Art Stage“. Идејата на овој концерт во основа е овозможување да се соберат различни инструменталисти од целиот Балкански регион. Овојпат концертот се одржа со октет формација на дувачки инструменти, со инструменталистите: Sanja Romić (обоа), Марина Николовска (обоа), Kristiyan Kaloyanov (кларинет), Petar Garić (кларинет), Orges Malaj (фагот), Meriton Ferizi (фагот), Pantelis Feizos (хорна), Ilir Kodhima (хорна).

Концерт „Балканска арт сцена“ на „Скупи Камерфест“ / Фотографија: Маја Аргакијева

– Концептуалната карактеристика на изведуваната програмата за секој концерт од ова издание претставуваше целосно сублимирање на нивните особености како камерни формации, каде што беше интерпретиран многу атрактивен и посебен репертоар од музичката литература – посочи музикологот Нора Бајрами.

Меѓународниот фестивал на камерна музика „Скупи Камерфест“ и ова издание докажа дека со големо внимание и обѕир ги избира инструменталистите и разновидноста на концертите кои ги организира. Со фестивалот се збогатува културниот живот и концертната сцена во Скопје, со што ѝ се овозможува на пошироката јавност да има простор и можност да запознае различни музичари. За вакви и слични концерти е потребна поддршка и долговечност – не само од надлежните институции, туку и од медиумите, истакна Бајрами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!