
Сè уште активни пожарите на Жеден и на Шар Планина
Во последното деноноќие се регистрирани 17 пожари на отворено. Горела нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери, соопшти ЦУК.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од 17-те пожари на отворено, сè уште се активни два – на Шар Планина и на планината Жеден.
ВИДЕО: Пожар на планината Жеден во близина на Рашче, Ангелов вели изворот не е загрозен
Од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) Скопје и Полициска станица Сарај утрово соопштија дека пожарот околу врвот на планината Жеден, каде што гори претежно трева и евентуално грмушки сè уште е активен, но со намален интензитет и дека заради тоа што во текот на денот постои можност од негово разгорување, тој ќе се надгледува. Вчера, заради ноќни улови и непристапен терен скопската БППЗ не можеше да интервенира.
Од Национален парк „Шар Планина“ известуваат дека утрово ќе одат на терен да ја видат состојбата со пожарот над село Вешала и ќе известат за ситуацијата. Во текот на вчерашниот ден, согласно теренот и условите, екипи на ТППЕ Тетово и ренџери од Национален парк „Шар Планина“ учествуваа во негово гаснење.
ВИДЕО+ФОТО: Гори Шара, огнот се приближува кон куќи и штали
Од ЦУК повторно апелираат да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар да се пријавува на Единствениот повикувачки број 112, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.