
Се одложуваат рочишта бидејќи од „Шутка“ не ги спроведувале притворениците до Кривичниот суд
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека изминатите два дена биле одложени речиси сите притворски предмети, кои биле со навремена достава на покани за странките, бидејќи притворениците не биле спроведени од КПУ Затворот Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од судот додаваат дека особено загрижува фактот што меѓу одложените расправи се и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 – тина обвинети, од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затвор Скопје и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.
„Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата која е наменета токму за обезбедување на присуство на обвинетите лица во судските постапки, но ниту според домашното законодавство, а ниту според Европската конвенција за човекови права не смее да се претвори во казна. Но, во овој случај, за жал се оддолговлекуваат постапките не по вина на ниту еден од учесниците на истата“ соопштија од Кривичниот суд.
Поради ова, денеска судот се обрати до Управата на Затворот со барање за итно преземање на неопходни мерки со кои овие случаи нема да се повторат.
„Судењата закажани за вчерашниот и денешниот ден се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство (во текот на денешниот ден се одложи рочиште каде што присуствуваа 12 обвинети и нивните бранители, како и јавен обвинител).
Мерката притвор е најтешката мерка со којашто се ограничуваат слободите и правата на обвинетите за кои согласно принципот на презумпција на невиност се невини додека не се докаже спротивното, и судот за овој вид предмети постапува итно.
И покрај сите напори и трошоци кои што ги прави судот за жал судењата сепак се одлагаат од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на закажаните рочишта“ пишува судот во писмото.
Од Кривичен додаваат во писмото дека веруваат оти за овој проблем од затворот имаат разумно оправдување, но дека оваа институција е сервис на судот и постои од единствена причина да го обезбеди присуството на обвинетите кои што треба да бидат изведени пред суд.
„За жал во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат. Очекувам без оглед на причините ваквата состојба да не се повтори“ се додава во писмото од Кривичен суд до Затворот Скопје.