Се бара место повеќе во хотелите со четири и пет звездички- министерскиот состанок на ОБСЕ ги исполни капацитетите во Скопје

Хотел Александар Палас/Адинг

Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за „Слободен печат“ открива дека овој настан ќе му донесе на главниот град 3 до 4.000 ноќевања. Сепак, според него, овој голем настан уште еднаш ја покажал потребата од изградба на соодветен конгресен центар за и во иднина да имаме соодветен простор во кој ќе се одржуваат вакви големи настани

Сите хотелски капацитети се исполнети за Министерскиот состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје. Најмногу ќе се офајдат хотелите со четири и пет звезди и тоа во строгиот центар на градот. Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за „Слободен печат“ открива дека овој настан ќе му донесе на главниот град 3 до 4.000 ноќевања.

Ваквата посетеност ќе го постави Скопје на исто рамниште со Охрид, како сериозен туристички центар. Јаневски е уверен дека ќе се покажеме како добри домаќини и дека сите гости ќе бидат задоволни од сместувањето и понудените содржини. Сепак, според него, овој голем настан уште еднаш ја покажал потребата од изградба на соодветен конгресен центар за и во иднина да имаме соодветен простор во кој ќе се одржуваат вакви големи настани.

-Мора да се размисли Скопје да добие соодветен простор за меѓународни бизнис и политички конференции, како што имаат градовите во регионот. За актуелниот мораше да се изврши соодветна пренамена на спортска сала, а тоа во иднина би се избегнало доколку би имале наменски Конгресен центар – додава Јаневски.

За потребата од Конгресен центар во Скопје, уште летоска алармираше Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет. Тој посочи дека за одржувањето на овој настан се знаело уште пред неколку години.

-Имаше доволно време (години) да се организира изградба на Конгресен центар, кој многу му недостига на градот Скопје и кој би имал идеални услови за одржување конференции како оваа на ОБСЕ. Во тој објект би имало една голема сала за пленарни седници за околу 1.000 лица и уште неколку помали сали за истовремено одржување паралелни сесии и за разни други намени. Спортски објекти и хотелски простории не се адекватни за одржување конференции – напиша Цицонков.

Според најавите делегациите на сите земји-учеснички на ОБСЕ и партнери на Организација ќе бројат од 30 до 60 луѓе, односно се очекува на овој најголем меѓународно-политички настан организиран во историјата на Македонија да присуствуваат над 1.000 делегати.

Според Државниот завод за статистика во хотелите со 5 звезди во 2022 година имало 2.136 соби, а нивниот број во хотелите со 4 звезди имало 4.187 соби. Вкупниот број на легла во најскапите хотели е 13.374.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот