Фото: Принтскрин

СДСМ: Нема кој да оперира на Кардиохирургија, пациентите стравуваат за својата терапија

Претставничката на Комисијата за здравство на СДСМ, Елена Радеска, тврди дека по пропаднатиот тендер за рекомбинантен фактор VIII, државата премина на плазматски препарати, што создава енормни трошоци и ги остава пациентите во страв за континуитет на терапијата.

Претставничката на Комисијата за здравство на СДСМ, Елена Радеска, остро ја критикуваше состојбата во јавното здравство, оценувајќи ја како „катастрофална“.

– Неспопсбноста на власта создаде таков хаос што болниците остануваат без лекари, а пациентите сами со својата мака. Недостигот на специјалисти е огромен проблем кој се продлабочува. Клиниката за Kардиохирургија е во толку тешка состојба што поради недостиг од стручен кадар во моментов нема кој да оперира. Нема операции, нема нови интервенции, нема надеж – рече таа на денешната прес-конференција на СДСМ.

Тоа го признава и актуелниот министер за здравство, додава Радеска, но владата на ВМРО-ДПМНЕ нема решение.

– Граѓаните слушаат само оправдувања, треба да чекаат лекари од странство привремено да дојдат за да може да се направи операција. Или се принудени да одат на приватни клиники кои им се недостижни. Ова е срам и голема неправда за сите кои се борат за здравје и живот. Ова власт секој ден покажува и докажува дека работи само за големите приватни болници, додека здравствениот систем тоне во хаос, а за граѓаните ништо не се прави – обвинува претставничката на Комисијата за здравство на СДСМ.

Радеска ја посочи и ситуацијата со факторите на коагулација како дополнителен пример за негрижа.

– Наместо да се обезбеди рекомбинантен фактор VIII, тендерот пропадна. Сега се користат плазматски препарати од четврта генерација, што носи енормни трошоци, а пациентите живеат во страв дали воопшто ќе има терапија – истакна таа.

Радеска порача дека секое одложување, погрешна одлука или пропуштена шанса во здравството значи човечки животи и побара одговорност од надлежните.

„Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој навистина се грижи за нив и за нивните семејства“, заклучи претставничката на Комисијата за здравство на СДСМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот