
Сашо Поповски Трио ќе одржи џез-концерт во КИЦ-Скопје
На својот прв албум за „Art Melodies“, гитаристот Сашо Поповски го усовршува својот концепт на трио проект изграден на постојани варијации на мелодии, го нагласува звукот, текстурите, интеракцијата и просторот со воведување на колорит и контрастна музичка мисла преку соработка со гости-музичари.
Препорачано
Композициите се организирани околу прекрасно изведени, јасни и привлечни мелодични линии. Албумот „Steps“ е мултикултурна музика со седум нумери од чисти линии, егзотични мотиви, заклучени структури и бујна имагинација, во која авторот свесно остава простор за развој и поместување на звучните бариери преку различниот карактер на инструментите, како и непредвидливиот сензибилитет на музичарите.
Џез-концертот на Сашо Поповски Трио ќе се одржи на 17 септември, во 21 часот, во „Салон 19:19“ при Културно-информативниот центар во Скопје.
Триото настапува во состав Сашо Поповски – гитара, Иван Бејков – контрабас и Александар Ванчовски – тапани.
Според музичката критика, „оваа музика е на крстосница на жанровите, релаксирачка и маѓепсувачка во исто време“, напиша Марек Романски за „Џез Форум“, додека Ненад Георгиевски за „Ол абаут џез“ (All About Jazz) напиша: „Подгответе се да ве плени ова прекрасно дело, каде што се испреплетуваат меланхолијата и возбудата.“