
Санацијата на главниот градски водовод се очекува да трае помалку од 15 часа
Во раните утрински часови во сабота ќе почне санацијата на дефектите во Општина Ѓорче Петров и Карпош, каде во изминатите денови има огромни загуби на вода. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје најавија дека санацијата треба да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод.
Препорачано
Штедете и гответе оброци што не бараат многу вода, им препорача ИЈЗ на скопјани за викендов
– За оваа цел изготвен е оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат. Главна цел на овој план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода – се вели во соопштението.
Со затворање на главниот градски цевковод Ф1600мм, поради санација на пет затворачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. Никола Парапунов ќе се изврши
– Замена на нефункционален затворач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров
– Репарација на затворач Ф600мм на мост Обединети нации кој тече
– Заптивање на затворач Ф700мм на булевар Партизански Одреди кој протекува и замена на затворач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта
– Санација на затворач Ф700мм и Ф500мм на ул. Никола Парапунов.
– Замена на 4 воздушни вентили
– Во процесот на активности Сектор Водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф1600мм. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност Сектор Водовод со екипи составени од 6 пункта носители на работата со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот. Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколку часовното немање вода. Овој сериозен зафат се презема за да се превенираат состојби на дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти – додаваат од претпријатието.
Од 22 часот вечерва, поголем дел од главниот град ќе остане без вода, за да се санираат неколку сериозни дефекти. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе го затвори главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров, а вода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар.