Само дваесетина хотели се со пет ѕвезди од 255 категоризирани сместувачки капацитети

Фото: Pixabay

Министерството за економија на први април го објави најновиот Регистар на категоризирани објекти, на кој луксузните сместувачки капацитети не само што ги потврдиле своите ѕвездички, туку и се оценети со највисоката категорија наречена супериор. Само еден угостителски капацитет не ги исполнил условите за категоризација

Годинешната туристичка понуда на Македонија вклучува 255 хотели, кои се категоризирани според европски стандарди. Меѓу нив има дури 20 хотели со 5 ѕвезди, од кои најмногу се во Скопје, Гевгелија, Охрид, Струга, Берово и Велес.

Оценети со 4 ѕвезди се 85 хотели, од кои по еден во речиси секој град во внатрешноста и повторно најмногу во Скопје и Охрид. Приличен број се оценети со 3 ѕвезди, додека на туристите кои не претпочитаат луксузни услуги на располагање им се капацитети од пониска категорија и тоа со две ѕвезди. Само 4 угостителски објекти, „заблескале“ со само 1 ѕвезда. Министерството за економија на први април го објави најновиот Регистар на категоризирани објекти, на кој луксузните сместувачки капацитети не само што ги потврдиле своите ѕвездички, туку и се оценети со највисоката категорија наречена супериор. Само еден угостителски капацитет не ги исполнил условите за категоризација.

Според туристичките работници, токму оваа категоризација овозможи Македонија да се позиционира на светската туристичка мапа. Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за „Слободен печат“ вели дека е вистински погодок да се инвестира во хотелиерството и да имаме што е можно повеќе високо категоризирани сместувачки капацитети, кои ќе овозможат повисока додадена вредност во дејноста. Според него, категоризацијата е добра и е направена според европските норми, а Комисијата која ја спроведува се состои од повеќе претставници од туристичките комори, АППТ, Министерството за економија, кои си ја знаат работата и реално ги вреднуваат дадените ѕвезди.

– Нашите закони се добри, но една работа е вреднувањето, а сосема друга работа е дали тоа се применува во практиката. За нас е важен секој турист, а нивните оценки потоа го шират добриот или лошиот глас за македонската туристичка понуда. Добро е што се градат вакви капацитети и нека ги има што повеќе во Скопје и Охрид, кои се најпосетувани туристички дестинации. Но важно е да се вложува и во човечкиот капитал и да се нудат што е можно повеќе дополнителни услуги за да има конкуренција. Цената не е секогаш најбитна. Добро е и да се носат повеќе светски брендови во хотелиерството – објаснува Јаневски и додава дека воспоставувањето реална категоризација е основата за успешен туризам и добра клима за привлекување и туристи, но и инвеститори.

Новиот правилник за категоризација на угостителските објекти е од 2013 година и за да се избегнат обвинувањата за субјективизам при рангирањето, тој е правен според теркот во поголем број европски земји. За хотелите од сите категории е предвиден одреден минимум што треба да го имаат, а понатаму, за секоја услуга ќе добиваат поени. Вкупниот резултат ја дава и категоријата.

– Категоризациите од година во година стануваат се поригорозни. Секогаш може да трпат промени од изгледот и услугите на хотелот – изјави претходно Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во февруари 2024 година ја посетиле земјава изнесувал 44.224, од кои 39 отсто биле домашни, а 61 отсто странски туристи. Во февруари во македонските хотели вкупно се сместиле 39.370, а од нив 26.302 биле странци. Во хотелите со 5 ѕвезди биле сместени 16.215 туристите од кои 12.007 биле странци, додека во хотелите со 4 ѕвезди се сместиле 16.403 гости од кои 10.453 биле странци. Останатите гости престојувале во хотелите со 3,2 ѕвезди, само 200 гости од кои 95 странци за својот престој ги избрале хотелите со 1 ѕвезда.

Што „осветлуваат“ хотелските ѕвезди?

Рангирањето на хотелите се движи од една ѕвезда, за оние со најмало ниво на луксуз, до пет, каде што можете да очекувате најдобар квалитет. На пример, хотелите со една ѕвезда се наоѓаат во предградијата, мора да имаат секојдневно чистење на собите, бања со туш и када, маса со стол и ТВ, рецепција што работи најмалку 8 часа секој ден, факс и телефон достапни за гостите и задолжителен појадок и пијалаци.

Задолжително во хотел со две ѕвезди е појадокот да се служи како шведска маса, во собите за гости мора да има светло за читање и посебен плакар за работи, када со туш и крпи. Локацијата на хотел со 3 ѕвезди мора да биде на попрометна точка во градот, а мора да има: рецепција достапна за гостите најмалку 14 часа, персоналот е должен да зборува најмалку еден странски јазик, просторија за багаж на гостите, лоби покрај рецепција, собите мора да имаат минибар, телефон и интернет-пристап и фен во бањата. Често се случува хотелите со 3 ѕвезди да имаат и паркинг, ресторан, фитнес-центар и базен.

Во хотелите со четири ѕвезди, границите дополнително се поместуваат и со резервирање соби во вакви објекти може да се очекува значително поголем луксуз. Луксузен хотел со 5 ѕвезди има пространо лоби со бар, во секоја соба ќе бидете пречекани со подарок, сеф за чување скапоцености и брз интернет. Можност за пеглање на гардеробата што ќе ви биде достапна по еден час, 24-часовна рецепција, лице задолжено за паркирање на возилото, вратар, како и вработени што носат багаж во собата, врвна услуга, феноменално опремени соби, чистота на највисоко ниво, центар на градот во близина на сите важни знаменитости, ресторан со врвна кујна, фитнес, паркинг, базен, многу често спа-центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот