Сајбер безбедноста не е трошок туку инвестиција која ја јакне довербата на граѓаните во системот

Конференција за сајбер безбедност/Фото: МИА

Северна Македонија стана 103. членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза (Global Forum on Cyber Expertise – GFCE), организација во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата сајбер безбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, ОН, ЕУ,  Совет на Европа, Интерпол и други, како и стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема, соопшти вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во обраќањето на 18. меѓународна конференција e-Општество.мк посветена на „Кибер отпорност за слобода и безбедност”.

Владата на Северна Македонија со сите министерства и институции кои се посветени на оваа област, во рамките на GFCE ќе работат на четири теми: Политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од сајбер напади, сајбер криминал, сајбер култура и градење на капацитети.

Истовремено, информираше Грковска, наредната недела, во соработка со E-governanceacademy, организација од Естонија која ги помага процесите на дигитална трансформација во повеќе држави, ќе биде организирана симулациска вежба за сајбер безбедност „Strategic Cyber security table-top exercise”, на кои ќе присуствуваат претставници од речиси сите министерства во Владата и владини агенции кои имаат надлежност во делот на сајбер безбедноста.

-Целта на оваа симулациска вежба за сајбер безбедност е подигање на свеста за сајбер заканите кај високото раководство, развивање на вештини за управување со сајбер кризи, увид во организациската поставеност при донесување одлуки при вонредна состојба и информирање за стратегиите и акциските планови за справување на ризици, рече Грковска во видео обраќањето.

Исто така, како што кажа, оваа симулациска вежба треба да овозможи подобар одговор на владините институции на евентуални сајбер напади, закани што стануваат се пореални и во нашето општество, а воедно и да се обучат носителите на одлуки при вакви напади.

-Сајбер безбедноста е клучен елемент во одбраната на секоја држава и од исклучително значење за Република Северна Македонија е зајакнување на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, и заедно со меѓународните партнери ќе продолжиме силно да работиме и да се развиваме на оваа тема, за да ги достигнеме ЕУ стандардите на сајбер безбедно оштество, штитејќи ги граѓаните и државните системи од сајбер напади, рече вицепремиерката додавајќи дека мора да биде изградена доверба кај граѓаните во дигиталните услуги, без да се наруши нивната приватност.

-Предуслов за овој процес да успее е активна вклученост и посветеност на сите институции, на сите вработени во администрацијата. Свесна сум дека ќе има отпор. Свесна сум дека некои навики тешко се напуштаат, но и исто така сум свесна дека дигиталната трансформација на општеството е најдобрата алтернатива за создавање поефикасни и потранспарентни институции отпорни на корупција, вели Грковска.

Дигитална трансформација на општеството е процес што треба да биде сеопфатен, да се обезбеди целосен консензус, а со тоа да се обезбеди и континуитет. Рече дека во следнмиот период се фокусирани на воведување електронска лична карта, но исто така дека и како општество мора да работиме на сајбер безбедност.

-Секако предуслов за ефикасна дигиталната трансформација на општеството е воспоставување на електронска лична карта која обезбедува електронска идентификација и електронски потпис, а услугите можат да се користат со еден акаунт, рече таа.

На сајбер безбедноста, како што истакна, не треба да гледаме како на трошок, туку како на инвестиција која од една страна ја штити нашата држава и нашите граѓани од надворешни напади, но од друга страна овозможува и јакнење на довербата на граѓаните во институциите и во системот.

Државниот секретар за одбрана Владимир Анчев зборувајќи за украинската војна, кризата и водењето неконвенционална војна исто така со кибер напади како и зголемувањето на потребата за користење на технологијата ја зголемува потребата на земјата за воспоставување система за сајбер одбрана.

-Новиот хибриден начин на војување често се дефинира како петта димензија во војувањето, а сајбер просторот е онаму каде што овие битки се водат, рече Анчев кој додаде дека во последниов период има зголемен број сајбер напади во земјите од регионот како во државни институции, банките, НВО, и друго.

Свесни сме, рече тој, за сите сајбер напади што ги добива Северна Македонија за поддршката што и ја дава на Украина.

Се осврна на она што, меѓудругото, го презема министерството за одбрана во однос на сајбер одбраната на земјата. Креиран е воент тим за одговор на сајбер просторот кој во мометов ги детектира потребите од персонал и за развој на човечките способности и вештини, во НАТО активности и воени вештини, се инвестира во кадри и нивно задржување особено во системот за сајбер одбрана.

Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија, истакна дека се проценува дека еден трилион американски долари е штетата што е предизвикана од кибер напади во светски рамки односно дека станува 1 процент од БДП.

-Нема сомнеж, додаде тој, дека сајбер просторот сега е простор и за војна потенцирајќи дека Русија прави кибер напади за да предизвика страв и како пример посочи на нападот од 14 јануари кога како цел биле 17 веб – страни во Украина со пораки напишани на украински, руски и лош полски јазик: Плашете се и чекајте го најлошото. Подоцна преку сајбер просторот биле нападната инфраструктурата на институциите, додаде Гир.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп истакна дека не треба само да се зборува за проблемите со сајбер безбедноста туку истовремно дека треба да се работи на изнаоѓање системски одговори на овие предизвици. Тој исто така посочи на низа проекти што ги поддржуваат а се однесуваат на сајбер безбедноста.

Кога се работи за сајбер безбедноста, истакна во своето обраќање англискиот амбасадор Метју Лосон, размислете кој го поседува интеренет, кој го користи и кој го регулира и за да се најде баланс помеѓу слободата и користењето на интернет е исклучителен предвизик и задача.

Тој посочи на статистички податоци за користењето на интернетот и мобилната телефонија, како и за погодностите од користењето на новите технологии, но и дека за зголемувањето на ризиците за злоупотреби на интернетот и сајбер напади од поединци и организирани групи на нов и посуптилен начин. Ова е загрижувачки проблем и Владата на Обединетото кралство, рече тој, препознава ризици. Основан е Центар за сајбер безбедност. Штетата што е предвизикана од сајбер криминалот е навистина огромна и во ланскиот извештај стои дека во Британија е проценета на 27 милијарди фунти. Најмногу се оштетени, како што кажа тој, британските бизниси.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, меѓудругото, истакна дека од суштинска важност посветено и инклузивно да се работи на негување на култура на кибер-отпорност, заеднички со сите засегнати страни, како и дека во последниот период сите земји од регионот се засегнати од кибер напади.

Годинашното издание на е-Општество.мк се состои од седум панел дискусии, два инспиративни говори, една ТВ дебата и едно прикажување на филмот „Сестри” од Дина Дума (во Кинотека). Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко, се најавува, ќе ги споделат своите ставови и размислувања за дигиталната трансформација на јавната администрација и општествата во Западен Балкан, почитувањето на човековите права во онлајн просторот, надзорот и биометриската обработка на податоци, приватноста, последиците од сајбернасилството во реалниот живот, како и надминување на родовиот јаз во сајбер-безбедноста.

Конференцијата ќе содржи и дискусии за дезинформациските наративи, ефектите од дезинформациите и странските штетни влијанија врз демократијата на Северна Македонија, како и за безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот