Градскиот часовник е еден од најзначајните симболи на Битола

Саат-кулата во Битола е прогласена за културно наследство од особено значење

На седница одржана на 11 јули, Владата донесе одлука за прогласување на Саат-кулата во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, со што објектот ја добива највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот.

Градскиот часовник, со својата висина од 33 метри, доминацијата во просторот и саатниот механизам, претставува еден од најзначајните симболи на Битола. Објектот e изграден во 1830 година, а се наоѓа во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот меѓу црквата Св. Димитрија и Јени-џамијата.

Со својата архитектонска, градежничка, историска, социолошка и документарна вредност, Саат-кулата во Битола е сведоштво за општествено-економските и културно- историските околности во Битола и пошироко, во рамките на балканскиот простор. Кулата со автентични камени фасади е културен споменик кој се издвојува по своите специфики и во градбата, монументалноста, изгледот и во степенот на изворната зачуваност.

Кулата е значајна и по своите архитектонски и стилски карактеристики, квалитетниот материјал од кој е изградена со вметнување декорирани мермерни сполии и оригиналните мермерни столбови, како и по камените скали кои водат до врвот.

Саат-кулата има и единствен музички механизам со 15 камбани од кои одекнува одредена мелодија на секои шест часа. Истовремено, овој објект дава препознатлив урбанистички акцент во Битола, бидејќи во релација со монументалните споменици во неговата близина се создава единствен урбан ансамбл.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 188, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот