Русија објави разговори на германски офицери за испорака на проектили на Украина

Демонстранти во Берлин бараат Германија да ѝ достави проектили на Украина - Фотографија ЕПА, Клеменс Билан

Германија истражува како до Русија протекле строго доверливи разговори на високи офицери во врска со доставување долгострелни проектили на Украина и за можни цели.

Маргарета Симонјан, уредничката на државната телевизија „Раша тудеј“ објави 38-минутна снимка од видео-конференција на офицери што дискутираат кои цели би можела Украина да гаѓа ако Берлин ѝ ги достави проектилите „таурус“. Кремљ ја претстави снимката како доказ дека Германија е „заколнат непријател“ што планира напади врз Русија.

Канцеларот Олаф Шолц оцени дека протекувањето е „многу сериозно прашање“.

– Тоа го разгледуваме многу внимателно, многу интензивно и многу брзо – изјави Шолц.

Магазинот „Шпигел“ објаснува дека видеоконеренцијата не се одржала преку заштитениот воен канал, туку преку платформата „вебекс“. Извор во германското Министерство за одбрана изјави за Франс прес дека разговорот бил прислушуван.

Москва, пак, побара од Берлин итно да даде објаснување за планираното доставување проектили на Украина.

– Обидите да се избегне одговор на ова прашање ќе ги сметаме за признавање вина – изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Поранешниот претседател Дмитриј Медведев, кој сега е заменик-шеф на рускиот Совет за национална безбедност, забележа дека „Германија повторно ѝ се заканува на Русија“.

– Нашите стари ривали Германците повторно се претвораат во наши заколнати непријатели – забележа Медведев.

Шефот на дипломатијата Сергеј Лавров оцени дека објавените разговори се доказ за „лукавите планови на германските оружени сили, кои самите се издале“.

Германскиот опозициски конзервативец Родерих Кизеветер оцени дека руски медиуми би можеле да објават уште снимки што протекле од Берлин или ги стекнале со прислушување.

– Сигурно биле пресретнати и други разговори, кои би можеле да бидат објавени подоцна, кога Русија ќе оцени дека се во нејзина полза. Може да се заклучи дека Русија намерно сега ја објавува снимката со специфична цел, да ја спречи Германија да ѝ достави проектили „таурус“ на Украина – оцени Кизеветер.

На снимката се слуша како германските офицери ги посочуваат целите што Украина би можела да ги гаѓа со „таурус“, систем со максимален дострел на проектилите од 500 километри.

Тие го спомнале теснецот Керч, односно мостот што копнено ја поврзува Русија со полуостровот Крим, кој беше анектиран од Украина во 2014 година и сега служи како база за воената инвазија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот