Русија ќе рапореди дополнително оружје поради влезот на Финска и Шведска во НАТО, тврди Лавров

Сергеј Лавров/ Фото Grigory Sysoev / Sputnik / Profimedia

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Анталија изјави дека Русија ќе распореди дополнително оружје во новоформираните воени окрузи во Москва и Ленинград како одговор на влезот на Финска и Шведска во НАТО.

Веќе донесовме организациски одлуки, формирани се Московски воен округ и Ленинградски воен округ. Таму ќе биде распоредено дополнително оружје кое ќе биде адекватно на предизвиците што може да се појават на територијата на Финска и Шведска, нагласи Лавров на прес-конференција.

Според него, со влезот на Финска и Шведска во НАТО пропаднале децениските добрососедски односи на тие земји со Русија.

Лавров, говорејќи за конфликтот во Појасот Газа, истакна дека Израел се уште не ја променил целта целосно да ја „исчисти“ таа палестинска енклава од припадници на Хамас.

Лавров изјави дека Израел пред муслиманскиот празник Рамазан, се подготвува да почне воена операција во градот Рафа, каде се наоѓаат околу две третини од жителите на Појасот Газа, од кои повеќето избегале од борбите во другите делови на енклава. Тој посочи дека во случај на израелски напад, голем број Палестинци ќе заминат во Египет, што, како што наведе, во суштина би било „етничко чистење“.

По завршувањето на Дипломатскиот форум во Анталија, Лавров истакна дека идејата на САД и на голем број западни земји „да ја прогласат Палестина за членка на Обединетите нации нема сама по себе да го реши конфликтот на Блискиот Исток“.

Зборувајќи за војната во Украина, Лавров рече дека Русија не ја гледа добрата волја на Западот да постигне мирно решение и додаде дека Москва е посветена на постигнување такво решение.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот