
Романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска носи испреплетени животни приказни од општествената реалност
Во Галерија МКЦ во Скопје на 18 декември се одржа промоцијата на романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска. Романот е во издание на „Или-или“ и е книга бр. 232 во едицијата „ПРОаЗА“.
Препорачано
Промоцијата се одвиваше низ спонтан и опуштен разговор на уредникот Ненад Стевовиќ со авторката. Извадоци од романот читаа Трајко Џиков, Јосип Коцев и Клелија Живковиќ.
„Леска Брезоска“ е втор роман на Симона Јованоска по дебитантскиот „Денот на црвот“ со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година. Приказната во „Леска Брезоска“ се одвива во Гостивар и во Скопје и ја следи животната патека на главната хероина од нејзиното детство, првите игри, детските трауми, другарувања, откривањето на сексуалноста, соочувањето со етничките тензии и немири, па сѐ до влегувањето во светот на возрасните и судирот со комплексните животни околности и борбата за нивното надминување.
Романот е составен од меѓусебно испреплетени животни приказни сочинувајќи една кохерентна и заокружена целина, а милјето во коешто се одвиваат е македонската општествена реалност од последниве децении.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ („Или-или“, 2021, 2022, 2024) е прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 261, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.12.2024)