
Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е преведен на словенечки јазик
Во издание на словенечката издавачка куќа „Цанкарјева“, а во превод на словенечки јазик на Алеш Мустар, излезе романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Романот што неодамна ја доби наградата „Роман на годината“ е објавен во престижната едиција „Модерни класици“ во која досега, од македонските автори, се објавени и делата „Времето на козите“ на Луан Старова и „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, а од светските дела на автори како Ани Ерно, Марио Варгас Љоса, Светлана Алексијевич, Харуки Мураками, Олга Токарчук, Труман Капоте, Бернхард Шлинк, Давид Албахари, Елена Феранте и други.
Во поговорот кон романот, Намита Субиото, професорка по македонски јазик и литература на Универзитетот во Љубљана, истакнува дека „Димковска во својата литература неретко остро загризува во гнилото тело на општеството ставајќи ја на стожерот на срамот аморалноста на поединците и на заедниците, но нејзиното писмо, пред сè, го проникнува длабок хуманизам и неуморна потрага по (изгубената) човечност, што силно зрачи и од романот ’Единствен матичен број‘“.
Поетесата и писателка Лидија Димковска (1971, Скопје) објавила седум поетски збирки, три романи, еден дневник и една збирка раскази, преведени на многубројни јазици. Уредила и четири антологии.
Покрај наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“, таа ги добила наградата за дебитантско поетско дело, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда за поезија „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ и други. „Единствен матичен број“ е нејзин четврти роман.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 242, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.8.2024)