
Рокада со парите: Вториот тендер за нова компресорска станица за хируршките клиники ќе го распише Министерството за здравство
Министерството за здравство реши дека хируршките клиники не треба да платат ни денар за нова компресорска станица, откако првиот тендер за нејзина набавка пропадна.
Препорачано
Ниедна фирма не се јави на првиот тендер за кој беа планирани 300 илјади евра, па Министерството за здравство сега има нов план – да ѝ предложи на Владата обврските околу тендерот да бидат нејзина одговорност.
Рокадата во финансиските обврски доаѓа во услови кога веќе длабоко е пробиен првично поставениот рок за промена на компресорската станица, која е клучна за функционирањето на операционите сали во хируршките клиники.
На првиот тендер три фирми дошле на лице место да ја разгледаат компресорската станица што треба да се менува поради 30-годишна дотраеност, ама ниедна од нив не доставила своја понуда на јавниот повик.
Врз основа на таквата ситуација, Министерството за здравство ќе ја извести Владата и ќе ѝ предложи обврската околу активностите за објавувањето на постапката за јавна набавка, монтажа и пуштање во работа на системот за компримиран воздух да ја преземе Министерството.
Финансиските средства потребни за спроведување и реализација за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух ќе ги обезбеди Министерството за здравство, со што нема да постои обврска на ЈЗУ да го плаќаат предметот на набавка, велат од Министерството за „Слободен печат“.
Исконтактиравме повеќе директори на хируршките клиники и најголемиот дел од нив велат дека и со надворешните компресори кои сега се употребуваат, немаат застој во операциите, односно дека се спроведуваат сите итни хируршки интервенции. Но, исто така, голем дел од хирурзите се на одмор, па и бројот на закажаните интервенции се очекува да се зголеми во септември, за кога не е познато дали ќе се промени ситуацијата во смисла на преоптовареност и формирање на листа за чекање.
И хируршкиот блок во ГОБ „8 Септември“ треба да се реновира, бидејќи не е во сјајна состојба. Тоа неделава го потврди и министерот за здравство Арбен Таравари по посетата на болницата, кога рече дека зависно од буџетот, би било добро да се реновираат и тие хируршки сали. Токму во ГОБ „8 Септември“ и во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ по хаваријата со комресорската станица се пренасочија голем дел од пациентите за операции.
Подоцна, состојбата се стабилизираше, кога беше донесена одлука операциите да се спроведуваат со надворешни компресори, пракса што се спроведува и во болниците од внатрешноста на Македонија, каде што нема централна компресорска станица.
Уште не е расветлено ниту што ја предизвикуваше непријатната миризба во хируршките клиники, односно дали сегашниот компресорски систем за кој е најавена санација и промена, навистина е непоправливо расипан. Ниту еден експерт што бил викнат да го утврдува проблемот, не констатирал што е причината за тоа.
Хируршките сали, како што најави претходниот министер за здравство Илир Демири, ќе користат надворешни компресори додека не се добие валиден документ за исправност. Од причина што во Македонија нема лиценцирана лабораторија за издавање документ за исправност на компресорската станица, мострите од неа се испратени на испитување во Германија, а што утврдиле германските стручни лица, никогаш не беше споделено со јавноста.
Пропаднатиот прв тендер го отвора прашањето дали ќе се успее да се реализира првичната најава дека компресорската станица ќе биде променета најдоцна до декември, со оглед на тоа што пропаѓањето на тендерот придонесува да се пробиваат планираните рокови.