
За 16 години функцијата градоначалник ја извршувале само 13 жени, 398 пати биле мажи
Во изминатите шеснаесет години, улогата на градоначалничка на општина била доделена вкупно 15 пати, а истата ја играле 13 жени. Улогата на градоначалник, од друга страна, дури 398 пати ја играле мажи.
Препорачано
На Локалните избори 2021 имаше вкупно 299 кандидати за градоначалници. Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници, 91,64 проценти беа мажи, а 8,36 отсто жени.
Исходот од Локалните избори 2021 „во игра” остави две жени, односно, градоначалнички беа избрани само во две општини на територија на Република Северна Македонија.
Даниела Антоновска, магистер по родови студии со 20 годишно искуство во областа на родовата еднаквост вели дека „за да можете да бидете избрана за градоначалник, треба да бидете кандидирана”, посочувајќи го годинешниот мал процент на кандидирани жени за градоначалник.
– Со текот на годините, наместо да одиме напред во поглед на родовата застапеност и родовата балансираност на листите за кандидати, ние назадуваме. Ова пред сè се должи на немањето на политичка волја и внатрепартиска демократија во самите политички партии како и непрепознавањето од страна на лидерите на политичките партии и на потесното политичко раководство, дека во своите редови имаат жени кои ги имаат истите капацитети, ресурси и потенцијали како и мажите, да бидат лидерки во една локална заедница и да можат и да бидат носителки на една ваква висока функција, вели таа.
Антоновска смета дека и покрај тоа што имаме добра законска регулатива, каде што го посочи Законот за родова еднаквост, националните стратегии за родова еднаквост, најновиот Закон за еднакви можности, на кој се работи во моментов, и сите пропратни документи кои ги имаме во полето на родовата еднаквост, ние, сепак, последниве години назадуваме, пред сè во однос на немањето родов баланс на високите општествени јавни функции. Како предизвик, таа, исто така, го посочи отсуството на квоти за градоначалнички.
– На листите на кандидати за градоначалници немаме квоти, споредбено со листите на кандидати за советници каде што имаме родови квоти. Првите родови квоти беа воведени во 2002 година, тогаш се воведе 30 проценти родова квота. Понатаму, со текот на развојот на изборното законодавство имаше промени, и во 2015 година се усвои и родова квота од 40 проценти. Следствено на тоа, се почитуваше и одредбата на секое трето место да биде застапен кандидатот од помалку застапениот пол, и, соодветно на тоа, ние имаме еден висок процент на жени парламентарки, имаме и повисок процент на жени кои што се членови во локалните совети, меѓутоа, токму поради ова отсуство на квотите имаме многу мал број жени за градоначалнички, посочува таа.
Според неа, ние имаме добра регулатива, меѓутоа, само декларативно, додека, во пракса, состојбата е многу поразлична од она што постои на хартија.
Љуљзим Хазири, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, вели дека исходот од Локалните избори 2021 година со избрани само две градоначалнички не е новост во нашата држава.
– Во насока на свеста на политичките партии за важноста на кандидирање на жени во градоначалничките и советничките листи, Македонија и понатаму останува земја каде што политичките партии жените ги вклучуваат во политика само преку законските норми кои ги предвидуваат секој трет член да биде жена. Да не беше оваа законска обврска, мислам дека уште потешка ќе беше положбата на жените во политиката. Уште повеќе што истите не се вклучени во другите процеси на креирање на партиските политики, туку и понатаму во собирите, во контакти со граѓани, сепак преовладуваат мажите, вели Хазири.
Според него, свеста на политичките партии е заостаната, до пред донесување на Законот за родова рамноправност.
– Жените се свесни и зрели за да се занимаваат со политики. Друга работа е што политичките партии, локалните комитети, или, органоци на политичките партии ги водат вообичаено мажите и оттука произлегуваа таа „маскулистичка” политика и делување. Сметам дека жените се зрели, не можеме да велиме дека жените не се за политика, тоа би било пропаст на општеството. Сметам дека имаат уште поголем интегритет од мажите во насока на политичкото дејствување, посочи Хазири.
Извор: МИА