
Дерматолог Сузана Камберова: Родителите гледаат со вознемиреност и страв на бенките кај децата
Медицината до денешен ден не успеала точно да ги утврди причините за настанувањето на бенките, но вообичаено е да се сметаат за еден вид „развојни“ аномалии на клетките – меланоцити, кои учествуваат во создавање на пигментот во кожата.
Препорачано
Постојат причини поврзани со самиот човечки организам, но и со надворешната средина, кои можат да влијаат на настанување на бенките. Пред сѐ, тука спаѓаат: бојата на кожата, расната припадност, наследните фактори – постоење луѓе во исто семејство со бројни бенки или бенки од одреден вид, влијанието на сонцето, итн. На пример, кај луѓе со мошне светла боја на кожата, почесто се среќава појава на голем број бенки по телото. Појавата на изразито голем број бенки по телото, често може да се сретне кај луѓе кои се во блиско сродство меѓу себе. Некои видови бенки се појавуваат во поголем број по поинтензивно и повторувано изложување на сонце.
Бенките (невусите) се делат на вродени и стекнати. Вродените бенки се присутни веќе при раѓањето или се појавуваат во првите денови, месеци, па и години од животот. Тие вообичаено се поголеми од стекнатите, поиспакнати, понекогаш со груба, брадавичеста површина и може да бидат препокриени со долги и груби влакна. Доколку се со изразито големи димензии и зафаќаат кожа на цели делови на телото, се нарекуваат гигантски невуси. Гигантските невуси, освен што сериозно го нарушуваат квалитетот на животот на оној кој ги поседува, почесто од другите видови невуси, може малигно да се променат. Сепак, тоа се случува исклучително ретко.
Стекнатите бенки се појавуваат во текот на животот, со растот на детето, па и во возрасните години на човекот.
Родителите со бројни дилеми
Не постојат начини да се влијае на појавата на нови бенки. Голем број родители го поставуваат и прашањето за тоа колку бенки ќе има нивното дете, во колкав број или со колкави димензии ќе бидат и дали постои начин да се спречи нивната понатамошна појава. Единствено што е важно да се знае е дека секоја новопојавена бенка кај вашето дете, која вам ви изгледа чудно или се однесува донекаде невообичаено, треба да биде прегледана од лекар, кој ќе оцени дали е потребно понатаму да се испита или не.
Бенките кај деца со многу светла кожа може да содржат мало количество пигмент и да бидат светло кафеаво до розеникаво обоени. Нормална појава е со растот на детето и невусот пропорционално да се зголемува, односно да расте. Растењето не е секогаш само во ширина, туку невусот може и да се издигне над нивото на кожата во облик на полутопка или да добие изглед на „малина“. Се работи за нормален процес, но сепак, ако нешто не ви е јасно или поради нешто не ви се допаѓа промената која ја гледате на бенката на детето, подобро е да се консултира лекар специјалист.
Огромен страв и кај родителите и кај децата
Искуството од праксата ни покажува дека појавата на бенки во детската возраст, особено во првите години од животот, секогаш многу ги загрижува родителите. Тие најчесто на оваа бенигна појава гледаат со вознемиреност или со страв, односно како на индикатор за можна „зла судбина“ на нивното дете, поврзана со можност за малигно заболување во иднина. Некои родители дури одат и во крајност, па се особено ревносни во следење на секоја промена на бенките на кожата на своето дете, постојано се грижат тие да не се повредат, па дури и не ги мијат како другите делови на телото, сѐ со цел што повеќе да ги „заштитат“ од секаква можна иритација. Во најголем број случаи се работи за претерано однесување, за кое нема никаква реална основа. Ваквиот свој однос родителите неретко го индуцираат и пренесуваат и на децата, па и тие чувствуваат страв од своите бенки, што сѐ заедно создава чувство на долготрајна и непотребна анксиозност.
Правило е дека бенките во себе не носат поголем потенцијал за малигна преобразба и формирање на кожен карцином од останатите делови на кожата на телото. Всушност, вистинскиот ризик за ова лежи во типот на кожата. Луѓе со многу светла кожа, коса и очи, без многу пигмент, кои не потемнуваат, а лесно се здобиваат со изгореници од сонце, се луѓе кај кои постои поголем ризик за појава на малигни промени на кожата, доколку не се придржуваат кон принципите за правилна заштита на кожата на сонце.
Прим. д-р Сузана Камберова, специјалист дерматолог