
РКМ на поранешниот политичар Капушевски, повторно ќе набавува мазут за ТЕЦ Неготино
Нема ништо спорно во тоа што државата ќе купи дополнителни 180 илјади тони мазут за ТЕЦ Неготино од компанијата РКМ на поранешниот политичар Ратко Капушевски, бидејќи само оваа фирма доставила банкарска гаранција, која е 3 проценти од вредноста на договорот, соопшти Васко Ковачевски, директор на ЕСМ. Тендерот завршил на крајот на ноември, а според Ковачевски, претходно биле анимирани сите лиценцирани трговци. Овие количества треба да ги задоволат потребите на термоцентралата во наредните шест месеци, а цената на мазутот е регулирана и сумата ќе се исплаќа според важечката цена одредена од РКЕ на денот на испораката. На 15 декември, цената на мазутот беше 42 денари за килограм.
Препорачано
-За договорот се информирани сите трговци. Претходно испративме допис до сите сите трговци, со точно прецизирани услови за квалитетот на мазутот – додаде директорот на ЕСМ, со дополнително објаснување дека никој освен РКМ не доставил банкарска гаранција.
На крајот на 2021 година, но и на почетокот на 2023-та, според претходните информации, ЕСМ со РКМ, склучила договори за набавка на мазут, за сума од 112 милиони евра, а за околу 180 илјади тони. Во август годинава, покрај Ратко Капушевски, втор сопственик на РКМ Дооел е Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на „Пацифик Петролеум“, компанија која е специјализирана за набавка на течни горива за затоплување и чест партнер во јавните набавки на „Пуцко Петрол“.
Инаку, за да се зголеми производството на струја од домашни извори, Владата даде „зелено светло“ по 13 години, повторно во системот да биде вклучена ТЕЦ Неготино. Директорот на ЕСМ, информира дека неколку дена порано, завршил комплетниот ремонт на генераторотт за кој се набавени делови од Харков, Украина. За непречено работење на термоцентралата се обезбедени 30 илјади тони мазут до 15 јануари.
-ТЕЦ Неготино ќе работи 10 месеци, а според планот треба да се исклучи или во мај или во јуни за ремонт. Во моментот таа прозиведува струја со еден котел, а деновиве треба да се активира и вториот котел, откако ќе се стабилизира системот. Вкупниот производствен капацитет на ТЕЦ неготино е 180 мегавати, колку што изнесува инсталираниот капацитет на еден блок на РЕК Битола – објасни Ковачевски.