
Ристоска: Владата да каже кои кандидати не ги исполнуваат условите за судот во Стразбур
Обвинителката Ленче Ристоска која беше една од тројцата кандидати на предлог-листата за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) ја повика Владата да каже кои кандидати не ги исполнуваат условите за да ја поништи предлог-листата. Истовремено Ристоска реагира и на формирањето нова комисија за предлагање на судија во ЕСЧП.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Ги следам случувањата околку одлуката на Владата за формирање на нова комисија која треба да ја продолжи постапката за предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа – изјави Ристоска за „Слободен печат“.
Што се однесува до ставот на Владата дека кандидатите не исполнувале услови, таа додава дека во име на транспарентноста би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат условите, како и во која постапка е ова утврдено.
„Слободен печат“ веќе објави дека Владата не ја прифатила предлог-листата со тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права – обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, со образложение дека не ги исполнувале предвидените условите.
Откако не ги прифатила кандидатите, Владата формирала нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија.
Одлуката на Владата со новите членови на Комисијата е објавена во Службен весник на 25 јули и сега наместо девет, брои пет члена.
Со новата одлука на Владата, членови на Комисијата се претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, новата в.д. претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски.
Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур