Сцена од филмот „Убава жена“ / Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Ричард Гир е подготвен за продолжение на „Убава жена“ но само под еден услов

Еден од омилените филмови на многумина, „Убава жена“ (Pretty Woman), има потенцијал да добие продолжение, но само под еден услов. Актерот Ричард Гир откри дека продолжение на романтичната комедија од 1990 година, во која глумеше заедно со Џулија Робертс, е можно само ако сценариото биде квалитетно, пренесува „Њујорк пост“.

Познатиот филм, чиј режисер Гери Маршал почина во 2016 година на 81-годишна возраст, ја следи приказната за Едвард Луис, богат бизнисмен кого го игра Гир, кој за време на деловно патување во Лос Анџелес ангажира секс-работничка – Вивиен Ворд, лик што го толкува Робертс. Иако потекнуваат од различни светови и имаат спротивни животни стилови, тие на крајот се вљубуваат.

Осврнувајќи се на филмот, Гир минатата година во еден поткаст изјави дека е горд на тоа остварување.

„Горд сум на тој филм и на процесот преку кој стигнавме до него. И не само што сум горд, туку сум и благодарен што ми овозможи да работам на многу други проекти. Мојот лик првично дури и не постоеше. Го прочитав сценариото и реков: ‘Ова не е за мене’“, раскажа актерот, објаснувајќи дека сметал оти Едвард не е „само костум“.

„На крајот навистина се обидовме да изградиме лик кој има смисла во структурата и суштината на приказната. Сакавме да биде искрен, шармантен, забавен, секси… Сите се сакавме меѓусебно. Имавме голема доверба, прекрасно се забавувавме и немавме поим дека филмот ќе стане тоа што стана“, додаде тој.

Гир откри и дека познатата сцена со клавирот и заведувањето помеѓу Едвард и Вивиен настанала спонтано. Во таа славна сцена, Едвард среде ноќ свири клавир во хотелското фоаје, а Вивиен пристигнува во бањарка. Тој го замолува персоналот да ги остави сами, по што следува страстен бакнеж на клавирот.

„Само импровизиравме, а Маршал ми рече: ‘Отсвири нешто меланхолично.’ И јас едноставно почнав да свирам нешто што го отсликуваше внатрешниот свет на ликот“, се присети Гир.

Џулија Робертс, пак, има поинакво мислење кога станува збор за снимање продолжение на култниот филм. Таа еднаш изјави дека не верува оти ваков филм би можел да се сними денес.

„Многу нешта се променија во индустријата… Не верувам дека денес би можел да се сними таков филм. Мислам дека секогаш кога се обидуваш да пренесеш нешто од минатото во сегашноста, тешко е да се воспостави врска, од повеќе причини. Тоа може да бидат политички, културолошки причини… па дури и застарена облека. Така што, не мислам дека е разумно да се користи филмот како критериум за прашањето ‘дали би функционирал денес?’ Многу нешта би можеле да се оспорат, но не мислам дека тоа ја намалува вредноста што луѓето и денес можат да уживаат во филмот“, рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот