
Режисерот Столе Попов остави траен белег во историјата на македонскиот филм
Во киносалата на Кинотеката на Македонија на 29 мај се одржа свеченото доделување на признанието „Златен објектив“ на доајенот на филмската уметност и најдобар македонски филмски режисер Столе Стојан Попов.
Препорачано
Признанието „Златен објектив“ Столе Попов го доби за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм.
Свеченоста во Кинотеката беше отворена со проекција на видеоспотот „Скопје“ на групата „Леб и сол“ во режија на Столе Попов. Признанието му го врачи Бојан Станишиќ, в.д. директор на Кинотеката, а со биографска и филмолошка анализа на творештвото на Попов пред присутните се обрати Арсим Лесковица.
Во обраќањето Лесковица посочи на сите значајни филмови на Попов поентирајќи со кратки, но ефектни заклучоци. За „Црвениот коњ“ и „Среќна нова ’49“ рече дека „идеолошката репресија не ги познава човековите чувства“, за „Тетовирање“ посочи дека бил најдобриот европски филм во тоа време, а за „Џипси меџик“ ја истакна „материјалната сиромаштија наспроти духовната слобода“.
По доделувањето на признанието Попов зборуваше за своето филмско творештво и работно искуство преку разговор кој беше модериран од страна на најдлабокиот познавач на македонскиот филм, Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.
На самиот почеток на разговорот Петрушева нагласи дека Столе Попов требаше многу порано да го добие признанието „Златен објектив“. Како клучно обележје на целиот филмски опус на Попов таа ја истакна метафората. „Тој е мајстор на метафорите во филмот“, истакна Петрушева.
Лауреатот Попов се заблагодари на признанието, на Кинотеката и на сите присутни на свеченоста, изјавувајќи дека тоа е доказ дека неговите филмови траат во времето и ѝ одолеваат на ефемерноста.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – „Оган“ (1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет.
Од 1978 година се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонската, туку и на југословенската кинематографија во тоа време.
Потоа, снима бројни рекламни филмови – за „Алкалоид“, ГП „Маврово“ и ХЕК „Југохром“, а првиот негов игран филм – „Црвениот коњ“, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови „Среќна нова ’49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Џипски меџик“ (1997) и „До балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“.
Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.
Оваа година Кинотеката воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист. Признанието му го врачи Бојан Станишиќ, в.д. директор на Кинотеката, а за неговата работа во Кинотеката зборуваше филмскиот техничар Тихомир Кашмицовски.
„Златен објектив“ е признание кое Кинотеката, како национален филмски архив, го воведе пред повеќе од 15 години, а го доделува по повод роденденот на институцијата – 29 април 1974 година, кога е објавен Законот за формирање на Кинотека. Ова признание е наменето за филмски автори и професионалци, кои преку својот работен ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.