
Режисерката Жива Бизовичар ја поставува претставата „Драма за принцезите“ во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје есенската сезона ја почна со подготовките на претставата „Драма за принцезите“. Тоа е последната претстава за 2024 година што театарот ќе ја реализира согласно Годишната програма одобрена од Министерството за култура и туризам.
Препорачано
Претставата „Драма за принцезите“ се работи по текстот „Девојката и смртта (I-V)“ на австриската писателка и драматург Елфиде Јелинек. Таа е една од најодликуваните авторки кои пишуваат на германски јазик и ја добила Нобеловата награда за литература во 2004 година за нејзиниот „музички тек на гласови и контрагласови во романи и драми кои, со извонредна лингвистичка ревност, ја откриваат апсурдноста на општествените клишеа и нивната потчинувачка моќ“.
Претставата ја поставува словенечката режисерка Жива Бизовичар, која во својот тим од Словенија соработува со драматургот Ник Жнидаршиќ и сценографот Јан Кремељ. Костимографијата му е доверена на македонскиот дизајнер Александар Ношпал. Предизвик во претставата е замислата на младата режисерка Жива Бизовичар сите осум лика да се играат од женскиот дел на актерскиот ансамбл при Драмски театар.
Жива Бизовичар (1998) работи како театарски и радиорежисер. Дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија, програма за театарска и радиорежија во Љубљана и моментално ја посетува магистерската програма.
Нејзините студиски продукции биле изведени на фестивалот „Борштникови средби“ и на „Фестивал на култура Костањевица“. Ја добила студентската „Прешернова награда“ за режија на претставата „Јагабаба“ на Зајц. Како ментор и режисер работела со Младинската сцена на АМО во Нова Горица, а редовно соработува и со РТВ Словенија.
Како дел од проектот „Чекајќи го Супермен“, ја режирала претставата „Жени на тест“, за која ја добила наградата „Шелиг на неделата“ на словенечката драма, наградата на Друштвото на театарски критичари и театролози од Словенија и наградата „Борштник“ за холистички пристап кон обработката на материјалите.
Премиерата на претставата „Драма за принцезите“ ќе биде реализирана согласно планираниот термин во средината на ноември, известија од Драмски театар Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 248, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.09.2024)