
Револуционерен чекор во лекувањето на неплодноста: Научниците создадоа функционални јајце клетки од клетки на човечка кожа
Научниците за првпат успеаја да создадат човечки јајце-клетки способни за оплодување и тоа користејќи клетки од кожа, пишува Си-ен-ен.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Постапката, која во иднина би можела да ја прошири листата на достапни терапии за третман на неплодност, вклучуваше земање на јадро од обична клетка на човечка кожа, кое содржи најголем дел од ДНК информациите, а потоа негово префрлање во јајце-клетка од донор, на која претходно ѝ е отстрането нејзиното јадро.
На тој начин, истражувачите произведоа 82 функционални човечки ооцити, односно јајце-клетки, кои потоа беа оплодени во лабораториски услови, објавено е во списанието „Нејчр комуникејшн“.
Сепак, до примена на оваа постапка во третманот на неплодност би можела да помине најмалку една деценија, наведува д-р Паула Амато, коавтор на студијата и професорка по акушерство и гинекологија на Медицинскиот факултет ОХСУ.
– Ова би им овозможило на постарите жени, или на жените кои немаат јајце-клетки од која било причина (на пр. по третман на рак), да добијат дете кое ја носи нивната генетика. Покрај тоа, ова би им овозможило на истополовите парови (на пр. двајца мажи) да имаат дете генетски поврзано со двата партнера – изјавила Амато за Си-Ен-Ен.
Главниот предизвик за истражувачите беше да се осигурат дека репрограмираната јајце-клетка го има вистинскиот број на хромозоми: половите клетки, односно сперматозоидите и јајце-клетките, имаат по 23 хромозоми, половина од 46-те присутни во обичните човечки клетки, како што се клетките на кожата.
Тимот, главно со седиште на Универзитетот за здравје и наука во Орегон во Портланд, разви метод за отстранување на вишокот хромозоми имитирајќи ја природната клеточна делба, оставајќи функционална јајце-клетка. Процесот го нарекоа „митомејоза“.
Меѓутоа, помалку од девет проценти од јајце-клетките создадени за време на студијата ја достигнале фазата на бластоциста, што одговара на петтиот или шестиот ден по оплодувањето. Тоа е период кога ембрионите обично се пренесуваат во матката за време на постапката за ин витро оплодување (ИВО).
Покрај тоа, Амато објасни дека сите добиени ембриони биле хромозомски абнормални, било поради погрешен вкупен број на хромозоми, било поради недостаток на еден хромозом од пар. Се очекувало дека тие ембриони нема да доведат до раѓање на здрави бебиња и дека веројатно сите предвреме ќе престанат да се развиваат.
Авторите на студијата истакнуваат дека се потребни обемни дополнителни истражувања за да може техниката да стане безбедна и ефикасна пред да се примени во клиниките. Конкретно, потребно е подобро да се разбере како хромозомите се спојуваат и раздвојуваат за да се создадат јајце-клетки со точен број на хромозоми.
Дури и во природната репродукција, само околу една третина од ембрионите достигнуваат фаза на бластоциста, забележа коавторот на студијата Шукрат Миталипов, директор на Центарот за терапија на ембрионални клетки и гени на ОХСУ, во соопштението за медиумите.
„Во оваа фаза ова останува само доказ за концептот и потребно е понатамошно истражување за да се обезбеди ефикасност и безбедност пред идната клиничка примена“, се наведува во студијата.
Други експерти од областа, како Амандер Кларк, професорка по молекуларна, клеточна и развојна биологија на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, се исто така внимателно оптимисти. Кларк, која не учествувала во истражувањето, рече дека, иако станува збор за импресивен напредок, технологијата во нејзината сегашна форма не е применлива како третман за неплодност.
– Сите ембриони беа генетски абнормални. Затоа, овој пристап не може и не смее да се применува во ИВО лабораторија додека технички не се унапреди – рекла Кларк, која е исто така директорка на Центарот за репродуктивна наука, здравје и образование на УЦЛА.
Сепак, со оглед на тоа што милиони жени страдаат од примарна инсуфициенција на јајниците, кога јајниците произведуваат многу малку јајце-клетки или кога јајце-клетките добиени во постапката ИВО не функционираат, Кларк смета дека пристапот од новата студија е „важен почеток“.
– За да им се овозможи на овие жени да основаат или прошират семејство, ќе бидат потребни трансформативни медицински третмани, бидејќи реставративната репродуктивна медицина нема да биде доволна, а ИВО ги достигнува своите граници во лекувањето на овие форми на неплодност – објаснила Кларк во електронска порака.
Тимот истражувачи ја користеше техниката на нуклеарна трансплантација на соматски клетки, која е позната по тоа што беше користена за клонирање на овцата Доли во 1997 година. Во тој случај беше создаден генетски идентичен примерок на еден родител.
Човечкото репродуктивно клонирање, односно создавање на „копија“ на личност со ист генетски материјал, е забрането во многу земји.
Во новото истражување настанале ембриони со хромозоми добиени од двата родители, но бидејќи техниката на трансплантација на јадро на соматски клетки е поврзана со клонирање, Кларк напоменува дека „регулаторните пречки за премин на оваа технологија во клиничка пракса ќе бидат големи“.