Изложбата е поставена во Даут-пашиниот амам во Скопје

Репрезентативни примери од современата австриска ликовна сцена се изложени во Даут-пашиниот амам во Скопје

По повод 30 години воспоставена дипломатска соработка со нашата држава Австриската амбасада во Националната галерија ја претстави изложбата „Австриската уметност после 1945“.

Современата уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува. Изложбата „Австриската уметност после 1945“ од 30 октомври е поставена во Даут-пашиниот амам во Скопје.

– Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура, туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика. Преку своето творештво, австриските уметници длабоко се вклучија во политичките, социјалните и технолошките промени во 20-от и 21-от век, давајќи значаен придонес на меѓународната уметничка сцена.

Оттука изложбата „Австриската уметност после 1945“ на македонската публика ѝ открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвора можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите наназад учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции – посочува Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија.

На изложбата е претставен избор од 50-ина слики и неколку скулптури

На изложбата е претставен избор од 50-ина слики и неколку скулптури – современи уметнички дела од повеќе автори што со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност после 1945 година и денес се дел и од повеќе приватни колекции. На свеченото отворање на изложбата се обрати Марија Станчевска-Ѓоргова, Државен секретар во Министерството за култура и туризам.

– Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција – истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.

Марија Станчевска-Ѓоргова, Државен секретар во Министерството за култура и туризам

На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека проектот е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.

На свеченото отворање на изложбата во Даут пашиниот амам се обратија и Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата; како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена иншуранс груп.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот