Руската новинарка Екатерина Барабаш/Фото: Социјални мрежи

„Репортерите“ спасија руска новинарка, пребега во Париз

Руската новинарка и филмска критичарка Екатерина Барабаш, која се соочуваше со казна затвор до 10 години во Русија поради осуда на војната во Украина, е евакуирана од нејзината земја во Франција од страна на „Репортери без граници“ (РСФ) , објави невладината организација на прес-конференција одржана во нејзино присуство.

-Ви благодарам на сите за вашата поддршка – рече новинарката од седиштето на РСФ во Париз, додавајќи дека била принудена да ја остави својата 96-годишна мајка за да избега од Русија.

-Огромно олеснување и огромна радост е што е безбедна и здрава меѓу нас во Париз – рече генералниот директор на „Репортери без граници“, Тибо Брутен.

Казнено-поправниот систем на Руската Федерација на 21 април објави дека 64-годишната Барабаш е додадена на списокот на барани лица.

Таа исчезна на 13 април од својот дом, каде што беше ставена во домашен притвор како дел од истрагата против неа за ширење „лажни информации“ за руската армија. Соодветната наредба ја издаде московскиот суд по апсењето на Барабаш кон крајот на февруари.

Барабаш, која е родена во СССР во Харков (во денешна Украина), остро ја критикуваше руската инвазија на нејзината соседна земја во февруари 2022 година.

-Значи, вие копилиња, ја бомбардиравте (Украина), срамнивте со земја цели градови, убивте стотина деца, стрелавте во мирни луѓе, го држевте Мариупол под опсада, лишивте милиони луѓе од нормален живот, принудувајќи ги да бегаат во странство – напиша таа во својата статија, која беше цитирана од независниот медиум Медуза.

Новинарката ризикуваше да биде осудена на затворска казна до десет години.

Во октомври 2022 година, невладината организација РСФ веќе го организираше бегството на друга руска новинарка, Марина Овсјаникова, која исто така беше во опасност да биде осудена на десет години затвор откако се појави на руската државна телевизија држејќи антивоен транспарент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот