
Ременски: ЕУ предупредува, Македонија е меѓу топ 11 дестинации за „златни пасоши“ – како Субрата Рој, Сараф, Самсоненко, Онишченко добија македонско државјанство
И македонските „златни пасоши“ се под лупа на Европската Комисија и Брисел веќе ги идентификуваше и санкционираше шемите за државјанства на инвеститори како и други основи за добивање на државјанство не само во земјите од ЕУ туку и во кандидатките за членство како што е нашата држава, предупредува проф. д-р Фросина Ременски во објава на Фејсбук каде подетално се осврнува на шемите за државјанство од кои бенефит имаат разноразни бизнисмени, под плаштот дека би инвестирале во државата за чие државјанство претендираат.
Препорачано
-ЕУ признава дека секоја земја-членка може да ги утврди условите за стекнување и губење на нејзиното државјанство, но дека овие шеми се од заеднички интерес на ЕУ. Ова се однесува и на земји кои се во процес на преговори, а кои ги користат бенефициите од визната либерализација како можност за патување во Шенген зоната. Меѓу нив се наоѓа и РС Македонија. Шемите за државјанство на инвеститори создаваат низа ризици за земјите и за ЕУ како целина: особено безбедносни ризици, ризици од перење пари, корупција и даночно затајување. Особено по руската инвазија на Украина и санкциите кон Русија и нејзината бизнис олигархија. Извештајот на ЕК покажа дека на апликантите често им се дава државјанство без физички престој во земјите и без вистинска врска со нив. Идентификувана е загриженоста дека безбедносните проверки што се применуваат на апликантите за државјанство не се доволно силни и дека земјите не се консултираат меѓусебно за апликантите за државјанство и не се информираат меѓусебно за одбиените апликанти. Беа откриени одредени сиви зони во примена на законодавството за спречување на перење пари, бидејќи агенциите (посредниците) кои работат со овие шеми не спаѓаат под барањата на ЕУ за спречување на перење пари. Транспарентноста околу шемите за државјанство на инвеститори и други е многу ограничена: не е секогаш јасно кој аплицира во овие шеми, кој го добива државјанството и како се трошат парите собрани од таквите шеми, пишува Ременски.
Во делот за РС Македонија, проф. Ременски се осврнува на познатите бизнисмени Субрата Рој, Сараф, Самсоненко, како и последниот случај со украинскиот бизнисмен Онишченко кои добија македонско државјанство и потсетува дека за некои од овие случаи македонската јавност немаше да дознае доколку не се дознаеше за шемата „златен пасош” преку крадење на идентитети на македонски државјани кои од различни причини никогаш не побарале и не добиле биометриска патна исправа.
-Сетете се на Седат Пекер бараниот турски бизнисмен кој доби патна исправа со име на лице од Скопје за движење низ Шенген зоната. Стетете се на Сараф – турски државјанин со иранско потекло уапсен во САД со македонски пасош. Зарем се само Седат о Сараф или ги има повеќе од 200 како што кажа судијата кој ги судеше шалтерските управни работници на МВР за „системскиот пропуст” со кој се подведе под знак прашалник визната либерализација и репутацијата на државата во очи овие европски трендови на санкционирање на шеми за државјанства. Кога ЕУ ги санкционираше и предупредуваше земјите членки на ЕУ и оние кои сакаат да влезат во Унијата (ние секако), во жижа на дебатата како држава ни се случи Олександар Онишченко – украински олигарх, руски агент, баран по обвиненија за финансиски криминал, перење пари итн. Човекот со 8 идентитети на црната листа на САД низ иглени уши се протна преку програмата за државјанство по спортски успеси (златен пасош) и доби државјанство и патна исправа во мај 2022 година, наведува Ременски.
Како Онишченко ја изигра програмата и македонските власти
За случајот Онишченко таа потсетува и на неговото интервју за „Слободен печат“ каде самиот потврди дека сепак имал желби за купување банки и инвестиции, а не само амбиции за високи резултати во коњичкиот спорт.
– Најважно од се е изигрувањето на програмата – шемата преку гаранциите во спортско членство и инвестиција дадена на сопственикот на Коњички клуб „Дона” од Скопје кој (замислете) упатил молба до МВР да му се „забрза постапката за државјанството” и воедно е многу горд што го донел Онишченко во Македонија – независно што бил на црна листа на САД. Да биде бурулеската поавтентична Агенцијата за национална безбедност дала позитивно мислење за Онишченко, а сегашниот директор потпишал тој „не претставува безбедносен ризик за државата” – ова очигледно без да се има ЕУ-фокусот по оваа тема. Поранешниот директор на АНБ пак, подготвувајќи се за амбасадорска функција во земја од ЕУ не само што не си ја заврши работата за случајот Онишченко во АНБ, туку му остави „од здраво – вересија” на неговиот наследник кој одлучи да го поштеди и него и себе си од одговорност за златниот пасош на рускиот агент Онишченко. Па така, од турбулентна квази-правна дисциплинска постапка, сенилен парламентарен надзор, големата јавна дебата и плафонски дигнатите очекувања кон ЕУ и САД од страна на државниот врз (Пендаровски, Ковачевски), постапката се сведе на „системски пропуст” како државна тајна без никаков одговор кој и зошто тоа го направил, наведува Ременски.
Таа прашува зошто не е направена финансиска истрага за сите кои учествувале во постапката за доделување на државјанството за Онишченко –„од коњичкиот газда Рамче, преку потписниците во АНБ, до шалтерскиот сликач во МВР и матичарот во матично“.
-За ова најмногу требаше да биде заинтересиран претседателот Стево Пендаровски кој во една емисија изјави дека можеби „некој зел мито”, дека не знае – шпекулира, за да подоцна многу лесно го прифати и каже зборот „системски пропуст” – збор после кој ќе треба да одлучи за амбасадорско место на Виктор Димовски во земја членка на ЕУ кој бил дел од државната тајна, пардон „системскиот пропуст”, наведува Ременски.
Професорката Фросина Ременски која е и поранешен пратеник во Собранието и член на комисијата за надзор над работата на безбедносните служби потсетува дека РС Македонија во последните три Извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата во процесите кон ЕУ, вклучително и декемврискиот од 2022 година, како држава добила и предупредување.
„Во декември 2012 година, Северна Македонија го измени законот со кој се овозможува стекнување државјанство за посебен економски интерес. Миграциските и безбедносните ризици што оваа програма може да ги донесе за ЕУ се следат внимателно, особено ако се има предвид неконзистентноста на критериумите за доделување државјанство. Северна Македонија треба да се воздржи од овозможување систематско стекнување државјанство врз основа на посебен економски интерес”, цитира Ременски.
Адвокатка од Девствените острови е посредник за македонски златни пасоши
Таа потсетува дека во март 2021 година Министерството за внатрешни работи, на прашање од домашен медиум одговара дека од економски интерес донесени се 143 решенија, од кои 105 лица се примени од економски интерес, а 38 се одбиени од економски интерес, според член 11 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија и Уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија (,,Сл. весник на РСМ,, бр.9/05, 161/12, 255/19 и 42/21)” и додава дека останува да се види колкав е бројот на македонски државјанства дадени по спортски и други основи од истиот член 11 од законот.
-И додека ЕУ не предупредува што се може да ни го загрози патот кон интеграциите кои треба да донесат општество без корупција, а не привилигирани домашни светски криминалци кои плаќаат и за државјанства, и за златни пасоши и за затворски туризам и за неказнивост, ние не гледаме дека, адвокатска канцеларија на младата Џенифер Хердинг Марлин „Harding Marlin JH Marlin Law” од Barnes Ghaut, Nevis („оф шор”) од Девствените Острови е посредник за македонскиот инвестициски рај и златниот пасош. Во Малтешкиот случај пред Европскиот суд адвокатската канцеларија е одговорна за шемата, додека оваа што посредува во македонската и другите шеми скоро никој да не ја знае. И додека европската иднина повеќето граѓани ја гледаат низ призма на сигурност, одговорност, извесност, правила и подобар живот, еден друг дел од внатре и од надвор ја гледа како дестинација за златен пасош и второ државјанство. Па така на самиот крај на годината во која го оставивме и дочекавме Онишченко како иронија на шемата за државјанство и златен пасош на страницата Бизнис Инсајдер, РСМ осамна на топ 11 листата земји за „златен пасош”. Во текстот насловен како „Од Европа до Карибите, ова се 11-те држави во кои можете да купите државјанство и златен пасош” (From Europe to the Caribbean, there are 11 countries where you can buy citizenship with a ‘golden passport’), РСМакедонија е на 10-тото место, пишува Ременски во објава на Фејсбук.
Таа прашува дали Владата на РСМ ќе излезе со став околу укинување на критикуваната шема од страна на ЕУ и дали МВР ќе излезе со став дали и кога се прогласени за неважечки патните исправи со украден идентитет на македонски државјани од случајот Двојник.
-Дали покрај ЕУ-загриженоста за шемите со „златен пасош”, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Ковачевски и министрите за ЕУ интеграции и надворешни работи Маришиќ и Османи ќе остане на ставот дека „системскиот пропуст” со Онишченко нема име и презиме? За жал во овие приоритети за добивање македонско државјанство ги нема неевидентираните над 11.000 граѓани – фантоми на оваа држава кои живеат и умираат од правна (не)милост, без приоритет и без можност да кажат каков е/бил нивниот особен придонес за иднината на оваа земја, пишува Ременски.
Бугарија, Кипар и Малта ги одземаат „златните пасоши“
Во својата подолга експликација за шемите за државјанства таа се осврнува на случаите во Бугарија, Кипар, Малта како најпознати дестинации и каде веќе се спроведени истраги за доделување на златните пасоши и кои добија посебна опомена со војната во Украина да не издаваат европски државјанства на Руси и Белоруси, но и на Албанија и Црна Гора, кои како и Македонија се на тапет на ЕУ.
Бугарија под притисок на ЕК што поскоро да ги прекине шемите, одзеде вкупно 12 „златни пасоши“ од оФицијално издадените 12о, чие издавање го следи Државната агенција за национална безбедност (ДАНС).
Кипарската влада во октомври 2022 година одлучи да го започне процесот на одземање на државјанството на 10 лица кои го добиле според укинатата „државјанство по инвестициска програма на Кипар”. Пасошите во Кипар биле издавани и на осудени криминалци и лица барани по потерници, а посебно биле примамливи за руски и кинески бизнисмени. Кипарската истрага за шемата од 2021 година покажа дека од 6.779 државјанства доделени во периодот помеѓу 2007 и 2020 година, 51% отишле на оние кои не ги исполнуваат условите. Истрагата откри случаи на имоти купени повеќе пати од различни инвеститори преку лажни договори за нивната инвестиција во Кипар.
Стотици главно руски, кинески и саудиски апликанти и нивните семејства добиле европско државјанство од Малта, патување без визи и право да останат низ ЕУ.
-Европската комисија во септември 2022 година формално ја изведе Малта пред највисокиот суд на ЕУ за нејзината шема „пари за пасоши” која дава државјанство на богатите граѓани од трети земји во замена за пари и инвестиции. Комисијата смета дека шемата е прекршување на правото на ЕУ и долго време ја повикуваше Малта да ја повлече шемата поради перење пари и доделување државјанство на лица со висок ризик. Во контроверзната шема е обвинет екс-премиерот кој додели концесија на адвокаство друштво/компанија „Хенли и Партнерс” која управува со слични шеми низ целиот свет, потсетува Ременски и додава дека малтешко државјанство им било доделено на членови на саудиското кралско семејство, руски олигарси поврзани со измами, перење пари и даночно затајување, како и други блиски до режимот на Путин, турски тајкуни и неколку други кои продолжиле да бидат под истрага за разни финансиски кривични дела, а Малта собрала над 1,1 милијарда евра од 2013 година нудејќи пасоши во замена за инвестиции.
По руската инвазија на Украина, Малта ги исклучи Русите и Белорусите, бидејќи Европа ги подведе под санкции руските олигарси и политички поврзаните поединци.
Притисоци и врз Албанија и Црна Гора
Соседна Албанија ќе мора да се откаже од планот за „златни пасоши” и да се бори против перењето пари и корупцијата, се вели во извештајот за земјата за 2022 година објавен од Европската комисија.
-Во 2019 година, Еди Рама го објави планот на владата да им понуди албанско државјанство на богати странци во замена за плаќање во готовина и инвестиции во земјата. Во извештајот јасно се наведува дека „Албанија треба да се откаже од развојот на шема за државјанство за инвеститори (златни пасоши), бидејќи тоа би претставувало ризик, бидејќи се однесува на безбедноста, перењето пари, даночното затајување, финансирањето на тероризмот, корупција и инфилтрација на организираниот криминал и е некомпатибилно со нормите на ЕУ”. Албанија, беше предупредена поради нејзината предложена фискална амнестија која предвидува дека, секој странски државјанин или Албанец може да депонира до 2 милиони евра непријавени пари во албанскиот банкарски систем за данок од 5 до 10%. Во 2022 година беа донесени две одлуки со кои се дефинираат критериумите за добивање албанско државјанство за придонесот во областа на образованието, науката, спортот, уметноста и културата. Во предупредувачко писмо од ЕК упатено до министерот за внатрешни работи на Албанија, се подвлекуваат јасните препораки од годишните извештаи за Албанија, како за 2020, така и за 2021 и 2022 година, овој проект да не продолжи, пишува Ременски.
Таа потсетува дека црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ при неговата посета во Брисел рече дека контроверзната програма за „економско државјанство” ќе заврши на 31 декември 2022 година за да се спречат ризиците поврзани со перење пари.
-Според владините податоци на Црна Гора, 108 странски државјани, главно од Русија и Кина, добиле црногорски пасоши со купување станови во хотели или со донирање пари во неразвиените области. Најновата програма за странски инвеститори започнала во јануари 2019 година, кога владата им понудила пасоши на инвеститорите кои инвестирале најмалку 250.000 евра во неразвиените региони на север или 450.000 евра во поразвиените региони, потсетува Ременски.
Интегралниот пост на Проф. д-р Фросина Ременски погледнете го во продолжение: