
Рељиќ со нов сребрен медал и поблиску до Олимпијадата во Лос Анџелес 2028
Сребрен медал и нови 7,20 поени за олимписката ранг листа за квалификации за Лос Анџелес 2028 година, викендов, освои македонската олимпијка и најдобра спортистка за 2024 година, Милијана Релиќ. Успехот го постигна на силниот Г-1 турнир во таеквондо во Криштианштад, Шведска.
Препорачано
Во првото коло Рељиќ беше поуспешна со 2:0 во рунди од домашната натпреварувачка Нора Хогфелт, во второто коло ја победи и шведската репрезентативка – одличната Тиндра Андерсон со 2:0 во рунди.
Во полуфиналето, нашата таеквондистка извојува сјајна победа над Чиа Веи Ванг од Тајпеј со 2:1 во рунди. Во финалето, беше поразена од хрватската натпреварувачка Дора Мештровиќ, но и оваа борба, според тренерот Александар Ефтимов, Рељиќ можела да ја добие доколку немало судиските грешки кои ја одземале победа. Рељиќ веќе ја имаше поразено Дора Мештровиќ пред 1,5 година на Европското првенство до 21 година во 2023 во Романија.
Од ТКД Тигри настапи и Горјан Бадаровски кој освои бронзен медал во категорија сениори +87кг. Бадаровски, со победата од 2:0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска обезбеди бронзен медал, иако во полуфиналето беше поразен од друг Швеѓанец Густав Карлсон. Ова е одличен резултат и за Бадаровски кој после 1,5 година учество на Г турнири, за два месеци освојува два бронзени медали. Првиот го освои Скопје Рамус Г-1 опен во март годинава.
Од Македонија свое деби во сениорска конкуренција имаа и младите Христијан Симоновски и Давид Божиновски од ТКД Младост, кои прикажаа одлични борби.