Религијата и филмот

Влатко Галевски, филмски критичар / Утрински брифинг
Влатко Галевски, филмски критичар / Утрински брифинг

Прославениот режисер Ингмар Бергман вели: Модерното општество ја држи уметноста жива само од сентиментални причини.

Една од најексплоатираните теми во целата историја на филмот секако е религијата. Или верата, или Бог, или теологијата, или конечно – БОГОСОМНЕЖОТ. А Бергман, во своето ремек-дело „Зимска светлина“ ќе каже: „Религијата е свето ѓубре што го блокира погледот на човекот“.

И, поради моите скромни познавања од оваа област ќе се повикам на филмот. Филмот е таа моќна алатка на уметноста која може да си дозволи да го рече забранетото, да раскаже „поинаква вистина“, да ја симулира стварноста, да манипулира со чувствата, да ги руши идолите, да ги воспева идеалите… Но, овие „филмски ефекти“ ќе бидат релевантни само ако се работи за добри филмови. А добри се оние филмови кои ќе нè остават или замислени или возбудени, или ратревожени. Зашто рамнодушноста на гледачот е најлошата етикета за некој филм.

Во животот, Бог молчи и отсуствува

 А барем на овој терен, на теренот на религијата како да не постои рамнодушност. Напротив, интригата преминува во отворена конфронтација на авторите на филмовите со црквата. Чуварите на светото од една страна и богохулните провокатори од другата. Дури и само сомневањето на Бергман дали Бог конечно ќе проговори или ќе остане да молчи, кај црковниот клер создаде нервоза. И „Седмиот печат“ и „Крици и шепоти“ се косеа со елементарната црковна етика/вистина: Не смее да се сомнева во Бога. А во повоениот период, токму тоа беше највознемирувачката дилема – молчењето на Бога.

Заедно со Бергман, уште еден голем уметник во своите филмови го има истиот омилен лик: „Тивкиот Бог“. Тоа е Андреј Тарковски. Стилски различни, сепак овие двајца толкувачи на тишината го имаат она неповторливо чувство за односот помеѓу егзистенционалното и религиозното/духовното. Како што вели Сузан Сонтаг: „Два стила кои заговараат тишина: гласно и меко“.

Фридрих Ниче уште одамна (1882год.) прогласи дека Бог е мртов. По ужасите на Втората светска војна, невиденото крвопролевање, Господ беше повикуван да реферира. Ако постоеше, оваа бесмислена војна ќе го натераше да се открие. Но, и по овој пустош, никој не можеше да го види Бога. Па така, и Бергман и Тарковски во своите клучни филмови ја лансираат  премисата: Дали молчењето на Бога треба да се смета за непобитен доказ за неговото постоење? Марта од „Зимска светлина“ вели: Бог досега не зборувал, затоа што Бог не постои.Тоа е толку едноставно“. Од почетокот на своето филмско творештво го водеше идејата за Светот без Бог. Во „Седмиот печат“ таа идеја ја доведе до самиот раб на суштественоста. Иако приказната е сместена во средновековна Шведска, филмот е алегорија на модерното време. Тишина, апокалипса и смрт –елементи на суровоста на постоењето кои произлегуваат од признавањето на Бог кој молчи. Бергман не бара доказ за постоењето на Бога, туку објаснување за неговото очигледно отсуство.

Страдањето е неразбирливо, па затоа не треба објаснување. Нема креатор, нема поддржувач на животот, нема дизајн (текст на свештеникот Томас во „Зимска светлина“ ). Во подоцнежните свои филмови, Бергман ја модифицира својата режисерска преокупација, од метафизика во  чист егзистенцијализам.

Тарковски: „ Кога бев многу млад го прашав татко ми-Дали Бог постои? Тој брилијантно ми одговори – за неверникот не, за верникот да“.  Спротивно на Бергмановите филмови, верата во филмовите на Тарковски не е причина за лошата духовна и егзистенцијална состојба, туку е решение за неа. Сталкер и Соларис се филмови кои таквата состојба ја отсликуваат во манирот на научната фантастика. Неизбежно е да се спомне и филмот „Андреј Рубљов“ и неговиот религиозен хуманизам. Патем „Рубљов“ е снимен 1966 год. а државната и црковна цензура дозволуваат проекција во Русија дури 1971 год. и тоа во скратена верзија. Интегралната верзија е  дозволена дури 1990 година. (Имав привилегија да го гледам на ФЕСТ 1970 год. една година по Кан  каде ја доби награда  ФИПРЕСЦИ) Во друштво на овие двајца уметници секако спаѓа и полскиот режисер Кшиштоф Кјешловски со своите брилијантни филмови, особено со својот „Декалог“.

Моето воодушевување со Бергман и Тарковски може опасно да отиде во метафизика, па затоа да видиме како други режисери и приоѓаат на религијата како податна филмска тема. Се разбира, дека во најголем број случаи овие филмови предизвикувале бројни реакции колку против толку и за,  разбирливо зашто повеќето од нив ја имаат  етикетата-контроверзно провоктивно, субверзивно. Додека сме сеуште на теренот на руските филмови кои ја имаат онаа синкретичка (обединувачка) функција на религијата и филмот, неизбежно е да се спомне режисерот Павел Лунгин и неговите одлични филмови „Остров“ и „Цар“.

Во филмовите Бог е гласен и присутен

 Во 1999 год. Кевин Смит ја сними комедијата со наслов „Догма“ на кого католичката црква фрли анатема уште пред да почне да се прикажува во кино-салите, оценувајќи го како богохулен. Религијата е особено подобна тема за хорор жанрот, па така еден од најпознатите во ова друштво е „Егзорцист“ беше прогласен за неподобен, иако подоцна стана класик во жанрот.

Филмот „Пасија“  (Страдањата на Христа, 2004) на Мел Гибсон ја разбранува јавноста. Критиките беа поделени , од оние кои го фалеа заради реалистичкиот приказ на Исусовите последни часови, до критики поради насилство, манипулации и обвинувања за антисемитизам.

„Последното Христово искушение“ на Мартин Скорсезе од 1988 год. со Вилијам Дефо како Исус, иако беше прикажуван со назнака дека отстапува од вообичаениот портрет на Исус и дека не се темели врз евангелието, филмот предизвика големи критики од страна на христијанската публика.

Филмот на Тери Џонс и монтипајтоновците, „Брајановото житие“ е религиозна сатира од 1979 год. на која одлично и прилега една сентенца на Марк Твен: “Ниту еден Бог и ниту една религија неможат да го преживеат исмејувањето“.

Токму овој филм има една од најсочните истории околу неговото прикажување. Во добар дел од британските кина филмот бил непожелен во име на јавниот морал. Извесна Мери Вајтхаус организирала кампања и растурала летоци околу киносалите кои го прикажувале филмот, иако со тоа само ја зголемила неговата популарност. Во Италија филмот премиерно е прикажан дури по 11 години, во Ирска по 8 години а и во Норвешка игра со една година задоцнување. Швеѓаните го искористиле тоа со слоганот- Филмот е толку смешен што е забранет во Норвешка.

И да не го заборавиме италијанскиот режисер Паоло Сорентино со неговите популарни ТВ серијали, „Младиот Папа“ и „Новиот Папа“. На извесен начин се случува чудо. Наеднаш, Ватикан е воздржан, па дури и благо наклонет кон сериите, сепак подвлекувајќи дека се работи за каустичност, несериозност и гротеска и дека серијата е правена како додворување на американскиот филмски пазар. Сепак статистиката вели дека „Младиот“ и „Новиот папа“ во Италија имаа трипати поголема гледаност од „Игра на тронови“. Така, пред вистината и Ватикан молчи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот