Пари долари
Фото: Pexels/Karolina Grabowska

Рекетари изнудиле 10 илјади долари од брачна двојка за наводен долг на синот

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица на возраст од 26 и 24 години, осомничени за кривично дело „изнуда“ од член 258, став 1 од Кривичниот законик, како и за еден 26-годишник осомничен за помагање при извршување на кривичното дело.

Како што информираат од ОЈО, осомничените во периодот од март 2024 година, до 4 февруари 2025 година, во повеќе наврати, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, со сериозна закана ги присилиле двајца оштетени сопружници да им дадат парични средства во износ од 10.000 долари.

„Жртвите најпрво почнале да добиваат пораки од првиот осомничен на социјалната мрежа Фејсбук, дека нивниот син наводно му должи пари, без да наведе износ. Потоа започнал да им испраќа и заканувачки пораки, а го ангажирал и вториот осомничен со други непознати лица да им се закануваат на оштетените и да бараат исплата на наведените средства. Како дел на дејствијата на изнуда, тие го скршиле стаклото на автомобилот на жртвите, со молотов- коктел им ја опожариле влезната врата од станот и континуирано им се заканувале по живот. Синот кој бил во Америка, исто така им потврдил на родителите дека и таму добива закани преку пораки и јавувања. На 4 февруари, по претходен договор, третоосомничениот им помогнал на двајцата изнудувачи да ги преземе парите од оштетените, по што на местото на настанот бил лишен од слобода од полициски службеници“, посочуваат од Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, како и мерка куќен притвор за помагачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот