
Реџепи: Олимпискиот пат ми беше долг, а среќата е неизмерна
Арбреша Реџепи би била среќна доколку се најде меѓу првите осум на Игрите во Токио, а учеството го заслужи со вајлд-карта што ја доби по напорниот и неизвесен четиригодишен предолимписки циклус.
Арбреша Реџепи (20) е џудистката која ќе ја претставува Македонија на Летните олимписки игри во Токио. Ова ќе биде олимписко деби на Реџепи на олимписки игри и вторпат Македонија да има претставник во овој спорт на најпрестижниот спортски настан.
Препорачано
Арбреша (категорија до 52 кг.) е од Скопје, членка е на џудо клубот Ипон, а на ЛОИ Токио ќе настапи со вајлд-карта. Таа поканата за настап на ЛОИ ја доби по четиригодишна макотрпна работа во предолимпискиот циклус. Околностите ја спречиле да обезбеди учество преку олимписка норма. Но, уште отсега планира на Игрите кои следуваат по Токио да настапи со постигната олимписка норма.
– Искрено, не постојат зборови со кои би можела да ги опишам моите емоции кога дознав дека ќе настапувам на ЛОИ Токио 2020. Ваков настан е цел на секој спортист што се занимава со олимписки спорт. Тоа значи круна на кариерата за мене како и за секој што настапил или ќе настапи на ОИ – го опишува Реџепи моментот кога дознала дека ќе оди на ЛОИ 2020. Патот до покана за учество бил долг.
– Џудо тренирам многу години, а за овој настан циклусот на подготовки и натпревари го започнав пред четири години. Треба да се нагласи и дека бев олимписка стипендистка на Македонскиот олимписки комитет. Во овој предолимписки циклус имав и две сериозни повреди. Едната помина само со рехабилитација, но што се однесува до другата, морав да го оперирам рамото, откако се повредив во олимпискиот камп Митерстил во Австрија. Благодарение на д-р Боро Илиев, кој ме оперираше, закрепнав и од таа повреда. И пандемијата на ковид-19 ме спречи нормално да функционирам – вели Реџепи за која остварување на олимписка норма останува императив, но за Игрите кои следуваат по Токио.
– Сите овие проблеми се причината зошто јас не можев да остварам олимписка норма за Токио. Но и покрај тоа, ќе настапам на овие ЛОИ што е врвот на кариерата на секој спортист. Ветувам дека за идниот олимписки циклус, доколку сè оди како што треба, ќе успеам да дојдам и до олимписка норма. Доколку го остварам тоа, ќе се чувствувам уште пореализирано. Што се однесува до ЛОИ Токио 2020, би била среќна ако се пласирам меѓу првите осум – вели Арбреша, која кажа збор-два и за своите резултати.

– Јас 12 години сум државна првенка во сите можни возрасни категории. Имам и неколку трети места на балканските првенства и едно трето место на натпревари во Европскиот куп, како и неколку петти места – вели Реџепи, која почнала да тренира џудо благодарение на нејзиниот брат.
– Првпат се сретнав со џудото откако со татко ми одевме да го земеме брат ми од тренинзи. Тој почна да тренира џудо порано од мене, а сега веќе се откажа. Ми се допадна тој спорт и побарав да се вклучам во тренинзите. Џудо тренирам над 12 години. Тоа е контакт-спорт за кој треба многу енергија, што се добива на тренинзите. За мене џудото е животно школо и е еден од спортовите кои бараат и високо ниво на интелигенција – вели џудистката.
Покрај неа во македонскиот тим се таеквондистот Дејан Георгиевски и борачот Магомедгадџи Нуров (обајцата со олимписка норма), атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јованоска, стрелачот Борјан Бранковски и пливачката Миа Блажевска – Еминова (со вајлд-карти).