„Редовните“ ќе почекаат обрасци, со итните пасоши за 100 евра се излегува од „домашен притвор“

Стариот и новиот Mакедонски пасош/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Граѓаните кои закажале за сликање за пасош по редовна постапка ќе почекаат бидејќи за нив обрасци нема, но има за оние кои се спремни да платат над 6.000 денари за издавање пасош по итна постапка. Точен термин кога ќе пристигнат нови обрасци нема, а од МВР за „Слободен печат“ велат дека прават континуирани напори фабриката добавувач со поголема динамика и во поголем обем да ги доставува обрасците.

Од друга страна пак, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска изјави дека до крајот на месецот се очекува поголема пратка, а во јуни пратка која, како што вели, „ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните“.

Иако биле нарачани 400 илјади обрасци за пасош, сепак минатата недела пристигнале само 20 илјади. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека според договорот до 18 февруари требало да пристигнат 400 илјади обрасци, но тоа со одреден акт било сменето.

– Некаде во осми месец имало договор согласно кој заклучно со 18 февруари во Македонија требало да пристигнат 400.000 обрасци. Тој договор со одреден акт е заменет и притоа заклучно со 18 февруари е превземена обврска некаде отприлика во декември лани за 22.000 обрасци. Немам уште утврдено со соодветни докази зошто е така сторено. Но ќе истражиме, посочи Тошковски.

Денешната изјава на дополнителниот министер за внатрешни работи Бојмацалиев е контра тврдењата на Тошковски. Бојмацалиев вели дека на денот на примопредавање на функцијата помеѓу Спасовски и Тошковски биле пристигнати 50.000 обрасци. Притоа додава дека до вчера промена на пасош направиле над 1.300.000 граѓани.

Поради немањето на обрасци, а со тоа и закочување на целиот процес за промена на пасошите, голем број граѓани кои резервирале некои од пролетните аранжмани и планирале патување принудени се истите да ги откажат. Ваквата ситуација предизвика удар за туристичките агенции кои сѐуште целосно не се залечени од ковид периодот.

Иако беше најавено дека граѓаните од вчера ќе можат електронски да проверат дали им се готови пасошите, за кои се сликале пред повеќе од еден месец, сепак сѐуште не функционира проверката на готовите документи преку интернет страницата на МВР.

Министерот Тошковски вчера изјави дека македонскиот пасош се употребува во Германија, Швајцарија, но, според извори на Дојче Веле, македонските државјани можат да ги користат пасошите со старото уставно име за лична идентификација, но нема да можат да влезат во земјата доколку немаат нова патна исправа со името Северна Македонија.

Инаку министерот за надворешни работи Бујар Османи од пред неколку дена е во обиколка на македонските конзулати Минхен, Бон, Берн и Венеција. Како што информираа од МНР, дипломатско-конзуларните работат во две смени, а така ќе биде сѐ до нормализирање на ситуацијата и намалување на барањата за конзуларни услуги.

Стигнаа обрасци за пасоши но само за итна постапка, за кои се плаќа три пати поскапо

Тошковски: Срамота е пасошот со старото име да важи во некои земји, но не и кај нас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот