
Рецепт за колачиња со портокал – меки, ароматични и сочни
Класичните колачи се секогаш добар избор, особено во комбинација со сочно овошје со силен вкус, каков што е портокалот. Колачите истовремено добиваат на мекост и сочност, но и тука е и неодоливата арома на портокалот која ќе се шири во вашиот дом.
Препорачано
Состојки:
– 200 грама брашно
– 250 грама шеќер
– 2 јајца
– 2 лажици мед
– малку цимет
– 20 грама рендана кора од портокал
– 1 прашок за печиво
– 150 грама шеќер во прав
– 3 лажици сок од портокал
Подготовка:
Сите потребни состојки за подготовка на овие колачиња ставете ги во подлабок сад и убаво изматете ги со помош на миксер. Кога смесата ќе стане компактна, исклучете го миксерот и прекријте ја добиената смеса со чиста кујнска крпа. Потоа оставете ја смесата да отстои околу еден час во фрижидер. Релативно мекото тесто, сипете го врз претходно посипана работна површина со остро брашно, а потоа со помош на сукало развлечете кора со дебелина од 5 милиметри. Добиеното тесто исечете го на крукчиња со помош на чаша.
Добиените колачиња наредете ги во соодветна тепсија за печење и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути.
Кога ќе помине потребното време, а колачињата ќе добијат убава златна боја, извадете ги од рерна. Откако колачињата ќе се изладат, прелијте ги со глазура што претходно сте ја подготвиле од сок од портокал и шеќер во прав.