
Рецепт на Стефанија Несторовска за класичен чиа пудинг: Превкусно и здраво
Чиа семето е ризница на здравствени придобивки и е неверојатна состојка што може да си ја додадете во секојдневната исхрана. Богато е со антиоксиданти, здрави влакна, омега-3 киселини, здрави масти и калциум, што значи дека е одлично за дигестивниот систем, за балансирање на шеќерот во крвта и за подобрување на здравјето на срцето.
Препорачано
Чиа пудинг е наједноставниот и најлесниот здрав појадок што може да го подготвите. Сѐ што треба да направите е да измешате чиа семе со млеко, да додадете малку засладувач, да оставите да отстои неколку часа и – оброкот е спремен, вели Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com.
– Се сеќавам првпат кога направив чиа пудинг. Бев шокирана од тоа како едни мали зрнца може преку ноќ да се претворат во цел оброк. На почетокот се држев стриктно до класичен чиа пудинг, но со текот на времето станував сè покреативна и почнав да додавам други состојки за да го направам поинтересен оброкот. Како и да е, класичниот чиа пудинг ќе ми биде засекогаш омилен, затоа што можам во еден ден да го направам во поголема количина и да имам подготвен појадок за неколку дена – вели Стефанија.
– Би сакала само да напоменам дека иако чиа пудингот е здрав појадок, сепак внимавајте на порциите зашто е многу лесно да претерате со количината. А веќе знаеме дека сè што е премногу, не е добро. Јас лично сакам да се држам до оваа количина за секојдневен појадок/ужинка – 1/2 шолја (120 грама) млеко и 2 лажици чиа. Кога ќе се додадат топинзи, сметам дека ова е идеална количина за едно сервирање – објаснува Стефанија.

Во продолжение ви го споделувам рецептот за класичен чиа пудинг доколку се чувствувате авантуристички, слободно бидете креативни и додадете дополнителни состојки како какао, протеин, ванила, цимет и слично. За поголема количина, дуплирајте ги состојките.
Класичен чиа пудинг
Состојки:
– 125 милилитри (1/2 шолја) млеко од бадеми (или млеко по желба)
– 2 лажици чиа семе
По желба:
– 1/2 лажица засладувач (мед, јаворов сируп, агаве…)
– 1/4 лажичка ванила
– свежо овошје, џем од малина

Начин на подготовка:
Во мал сад се додаваат сите состојки и се промешува.
Внимавајте на дното од садот, најчесто таму остануваат зрнца од чиа, па бидете сигурни дека убаво сте промешале.
Оставете го садот со чиа да отстои 15-тина минути, потоа промешајте уште еднаш и оставете го во ладилник најмалку 2 часа или од претходната вечер.
Пред сервирање, промешајте уште еднаш, додадете топинзи по желба и сервирајте.
Забелешки и совети:
→ Доколку по 15 минути чиа семето не почнува да набабрува и да впива од млекото, најверојатно чиа семето е застарено и стоело премногу време. Или додајте уште малку чиа семе или отворете ново пакување.
→ Доколку подготвувате чиа пудинг за повеќе сервирања, држете се до овој размер и зголемете ја количината на сите состојки еднакво.
→ Чиа пудингот може да стои во ладилник и до 5-6 дена.
