
Рецепт на Дијана Иваноска за превртени портокал тортички
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Препорачано
„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – превртени портокал тортички.
„Рецептов веќе го знаете како превртена портокал торта. Овој пат во форма на поединечни тортички печени во калап за мафини. Тестото е превкусно, многу сочно и меко, а мешавината од портокал и цимет им дава прекрасна арома“, објаснува Дијана.

Состојки:
За кандираните портокали:
– 2 портокали
– 150 грaма шеќер
– 150 милилитри вода
За тортата:
– 2 јајца
– 130 грама шеќер
– 1/4 лажиче сол
– 110 милилитри маслиново масло
– 1 лажиче ванила екстракт
– 1 лажиче цимет
– кора од еден портокал
– 2 лажици или 30 милилитри сок од портокал
– 1/8 лажиче сода-бикарбона
– 1/2 лажиче прашок за печиво
– 130 грама брашно

Подготовка:
Измијте ги портокалите убаво ако ги кандирате сосе кората, ако не излупете ги. Јас ги миев со сода-бикарбона. Исечете ги на тенки кругови, 3 мм. Во тенџере на оган загрејте ја водата со шеќерот додека проврие. Намалете ја температурата, ставете ги круговите портокал и нека вријат 15 минути.
Загрејте ја рерната на 175 степени Целзиусови.
Премачкајте го калапот за мафини со путер. Ако користите силиконски калап може да го прескокнете овој чекор.
Во еден сад измешајте го брашното со прашокот за печиво и циметот.
Во друг сад изматете ги јајцата со шеќерот и солта додека станат пенести. Додавајте го маслото во тенок млаз додека матите.
Додајте ја сода-бикарбоната, кората и сокот од портокал и ванилата.
На крај додадете ги сувите во влажните состојки и со шпатула измешајте ги нежно.
На дното на секој дел од калапот ставете портокал. Течноста во која се вареа, не фрлајте ја, на крај ќе ги премачкате мафините со неа.
Префрлете ја смесата во калапот и печете околу 35 минути или додека чепкалка боцната во тестото ќе излезе чиста.
Оставете ги тортичките да се изладат во калапот 10 минути пред да ги извадите.
Со мека четка премачкајте ги мафините со сирупот во кој се вареа портокалите.
Послужете со матена хопла или шлаг.
