Разговор со писателката Виолета Танчева-Златева: Плетењето приказни е врвен израз на слобода на духот

Посветениот писател, речиси, во сѐ што ќе слушне, ќе види, ќе доживее – гледа можна приказна / Фотографија: Дуле Дамјановски

Писателката и поетеса Виолета Танчева-Златева своето најново прозно дело го објави во издание на „Три“ и со романот „Бела Сама“ суштински навлегува во темите на мајчинството, женскиот принцип и трагичните околности во животот.

Минатата седмица во КИЦ-Скопје се одржа промоцијата на новиот роман „Бела Сама“ на Виолета Танчева-Златева. Навидум едноставната приказна во себе содржи повеќе наративни слоеви. Дел од нив беа откриени низ разговор со промоторката Ана Јовковска на промоцијата, а дел откриваме и за читателите на „Културен печат“ низ директен разговор со авторката.

Во романот има повеќе тематски слоеви, но изворно од каде ја добивте идејата за приказната?

– Идеите и темите за приказни се насекаде околу нас. А за да ги „фатиме“, доволно е само да не минуваме површно низ животот, ами малку попродлабочено да го живееме, малку пос(о)весно. Да имаме очи вистински да ги видиме луѓето, да имаме уши навистина да ги слушнеме нивните проблеми, а не да бидеме присутни само кога треба да се споделат радостите.

Посветениот писател, речиси, во сѐ што ќе слушне, ќе види, ќе доживее – гледа можна приказна. Така и приказната за „Бела Сама“ произлезе од животот. Младешка љубов и соништа, создавање дом и запознавање нови луѓе, но исто така и несреќни случаи, смрт, соочување со болест, борба со самотијата и осаменоста, неприфаќање на различноста, врсничко и семејно насилство, пороци – сите тие работи постојат околу нас. А за да можеме да се избориме со нив, треба прво да ги извадиме на површина, да зборуваме и да пишуваме за нив.

Авторката Виолета Танчева-Златева и промоторката Ана Јовковска / Фотографија: Дуле Дамјановски

Најголем дел од приказната се случува на село. Дали, можеби, станува збор за реминисценции, скриени мемории и сеќавања?

– Среќна сум што пораснав во село, што од најмала возраст сум можела непосредно да ја впивам исконската поврзаност со корените, со природата. Токму поради потребата да им се вратиме на корените, сместив еден дел од дејството на романот во село.

Многу од случувањата на Бела се, всушност, навраќања на моето детство – играта со нижење врбови лисја или разговорите со дедо Борис; многу од книгите што Бела ги чита се книги на моето детство; опишаната училишна зграда е токму малото училиште во Бориево во кое учев, а дедо Јосе е вистински лик кој се грижеше и за нас за сѐ во училиштето – благородно занимање кое тогаш имаше христијански призвук: служител.

Денес нема преголеми разлики во начинот на живот во град и во село, но суштински различното сфаќање и гледање на работите дојде до израз за време на пандемијата на корона-вирусот. Селаните не се толку подложни на теории на заговор и се побунтовни во изразувањето на револтот, но и понаивни. И ми беше важно да го опишам тоа во последниот дел на романот.

Колку, во суштина, книжевното дело може да им даде сила на немоќните, обесправените, ранливите да се соочат со вртлогот на животот?

– Јас длабоко верувам во моќта на книжевноста, впрочем, во творечката моќ на луѓето. Пишувањето, плетењето приказни, тоа создавање на цел еден паралелен свет со свои особености и ликови, за мене е врвен израз на слобода на духот, можност за негово раскрилување и вивнување над ограниченоста на стварниот свет. Но и писателот е само човек – и немоќен, и обесправен, и ранлив. Оттука, пишувањето најпрво нему му овозможува да се соочи со сопствените болки и стравови, или со вртлогот на животот. А потоа и на сите што ќе ја прочитаат неговата книга, зашто сите ги имаат истите болки, сите ние исто страдаме и се мачиме низ животот. И потребно ни е да видиме, да прочитаме дека не сме осамени во тоа, дека некој друг веќе надминал некој порок, победил болест, се соочил со стравот од осаменоста, од смртта. Сето тоа не само што нѐ утешува, туку и нѐ охрабрува да ги земеме работите во свои раце и да излеземе од маѓепсаниот круг.

Во својот осврт за романот Лидија Димковска напиша дека Бела е „како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето бреме што можат да го видат само нашите внатрешни очи“. Јас токму ним им давам глас, самите да ги раскажат своите приказни нудејќи ни и сознание, и утеха, но и поддршка и поттик за дејствување.

Приказната за „Бела Сама“ произлезе од животот / Фотографија: Дуле Дамјановски

Пишувате и поезија и проза. На кој начин им давате насока на сопствените мисли и инспирации?

– Не се трудам да ги насочувам мислите, не се силам да пишувам поезија или проза, или воопшто да пишувам. Немам никаков дневен план или распоред, не сум од авторите кои секој ден се трудат да пишуваат. Поважно е човек секој ден да прочита по нешто, да се задлабочи и да размисли ткаејќи ја во себе приказната или песната. Не сакам да ги „вабам“ мислите, ги оставам слободно да течат, да талкаат и да ми се враќаат. А кога ќе се вратат, се трудам да одвојам миг-два и да ги запишам, или барем основната идеја што подоцна можам да ја разработам.

Бидејќи не сум слободен уметник, туку лектор со полно работно време, немам многу време за пишување. Не знам дали затоа повеќе пишувам поезија, или едноставно затоа што повеќе „ми лежи“. Но гледам дека дури и во поезијата раскажувам приказна.

Често сте присутна на настани што ги организираат помладите поетски генерации. Колку во последно време помирно се менуваат генерациите, без делби, расправии и кавги, туку со соработка?

– Да, настојувам да ги следам случувањата на помладите колеги, и за да се запознаам со нивните творештва и за да ги поддржам. Полни се со енергија, со нови идеи, со свежина, впрочем, како што ѝ доликува на младоста. Имам чувство дека сегашната млада писателска генерација е некако поспокојна во поглед на местото што ѝ припаѓа, не се труди од петни жили да се докажува и да освојува некакво место од повозрасните. Тоа нивно место секако ќе си дојде, а тие во меѓувреме пишуваат, организираат настани и читања, се дружат.

По природа сум посклона кон соработка и поддршка отколку кон поделби и расправии. Но и тие се нормални, разбирлив дел се од процесот на растење и созревање, на осамостојување. Не можеме сите исто да мислиме, некогаш е потребно и да кренеме глас, ако треба и да се скараме застанувајќи зад своите сфаќања и бранејќи ги своите принципи. Но ако сите се стремиме кон една цел – да бидеме подобри и поблагородни и како луѓе и како автори – и поделбите нема да бидат толку остри и да повлекуваат караници, вербални препукувања и лични навреди. Живееме во исто време и на ист простор и наместо да се затвораме во своите тесни и тесногради фракции, многу подобро е да си помагаме и да си ги шириме видиците – и крилјата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот