Фото: Приватна архива

Разговор со Нино Величковски, фолк-пејач: Пешачам по 10 километри на 71 година и ме одржува љубовта кон мојата Лидија

По 15 години заеднички живот, Величковски во 2021 година се ожени со неговата сегашна сопруга Лидија Трифуновска.

„Имам песни за многу женски имиња, но ѝ останав должен на мојата внука Бела. Следната година ќе испеам песна за внука ми Бела“, вели Нино Величковски (71), кумановскиот тамбураш кој е официјално пензионер, но редовно настапува на домашните фестивали и организира настани со истиот ентузијазам и љубов како на почетокот од кариерата.

Најактуелната песна на Величковски е посветена на извесна Душица, која ја испеа на „Охрид фест – Охридски трубадури“, и на шега вели дека инспирацијата е веројатно некоја стара детска љубов на текстописецот Огнен Неделковски, со кој тој соработува 30 години.

Фото: Приватна архива

– Иако сум во пензија веќе неколку години, јас живеам турбо. Во август пеев на Тамбурашкиот фестивал во Куманово, па на фестивал во Лешок, па „Охрид фест“, па бев во Нови Сад како претседател на жири на светскиот тамбурашки фестивал таму. Таму како претставник од Македонија пееше Боби Зафировски и инсистирав да пее на македонски јазик – вели Нино Величковски.

По 15 години заеднички живот, Величковски во 2021 година се ожени со неговата сегашна сопруга Лидија Трифуновска.

Фото: Приватна архива

Фолк-пејачот вели дека никогаш не би си заминал од Куманово, иако низ годините имал шанси да се пресели во Скопје и во Србија.

– Си купив стан во центарот на Куманово, таму си живеам со жена ми, внучиња си чуваме. Таму му е срцето, таму ми е сѐ. Со Лидија имавме љубов како на филм, а свадбата ја направивме во Охрид. Вредеше чекањето од 15 години, а нашата љубов трае многу пред тоа. Патуваме заедно секогаш кога можеме. Бевме во Риека летово кај пријатели, на Крк, бевме и во Охрид, во Љубаништа – вели шармантниот пејач.

Својата форма тој ја одржува со пешачење, а духот со пеење.

– Пред неколку месеци наполнив 71 година и им посакувам на сите да се одржуваат со оваа моја кондиција. Пешачам секое утро од 7 до 10 километри и ведрината ме одржува. Со намќори не се дружам. Ме прашуваат како се одржувам во форма? Верувам во љубовта, ѝ се радувам на секоја нова песна, секоја нова песна ми е како нова рожба. И зад себе оставам музика, тоа е многу важно – додава Величковски.

Фото: Приватна архива

Пејачот е горд што неговите деца и внуци и децата и внуците на неговата сопруга одлично се согласуваат и ги поддржале во љубовта и во идејата да се венчаат на 67 години.

Нино е на музичката сцена речиси 45 години и вели дека иако пее на доста фестивали, не му се важни наградите.

– Нема веќе дали сум добил или не сум добил награда. Јас сум на естрадата веќе 44 години. Од 1975 година пеев во хорови, во 1981 почнав соло, еве 44 години, тоа не е малку. Би сакал на големо да прославам 50-годишен јубилеј, само да сме живи и здрави – вели Нино Величковски.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот