фото: rkeurofarmpelister.com

Раул Алонсо: Навивачите се важни за нас да дојдеме до позитивен резултат против Динамо Букурешт

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер е пред првиот домашен натпревар во Лигата на шампионите во 2025 година.

Тренерот на актуелниот македонски првак, Раул Алонсо во пресрет на дуелот од европската елита против Динамо Букурешт истакна дека моментално во мислите им е само натпреварот со романскиот шампион, за кого зборуваше со суперлативи.

– Имавме тешки натпревари минатата недела. Посебно беа тешки и заради долгиот пат во Португалија. Мислам дека во Лисабон игравме 45 минути на одлично ниво и на крај можеби поразот беше преубедлив по настапот на екипата. Немавме многу време да го подготвиме натпреварот против Охрид, практично одработивме само еден тренинг. Бевме уморни, но играчите завршија одлична работа, го контролиравме натпреварот во секој момент и заслуживме да победиме. Сепак, оваа недела беше голем предизвик за нас.

Сега го подготвуваме натпреварот против Динамо Букурешт. Алкалоид ни доаѓа подоцна, па прво се спремаме за Романците. Откако еден ден се фокусиравме на рекуперација, сега сме во полна работа за мечот в четврток. Среќни сме што пак ќе играме во Европа пред нашите навивачи. Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни – вели тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо.

Натпреварот од ЛШ помеѓу Еурофарм Пелистер и Динамо Букурешт ќе се игра денеска од 20.45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

– Премногу емоционален натпревар за мене е натпреварот кој следи со Динамо Букурешт. Играв четири години таму, играв од почетокот на проектот, имам многу пријатели меѓу играчите, навивачите… Емоционално не ми лесно, но на крајот на денот ова е многу важен натпревар за нас, за место во осминафиналето. За нас важно е да победиме, но растот на Динамо Букурешт во последните четири години е видлив. Играа „фајнал-фор“ на Европската лига, играат добра групна фаза на Лигата на шампионите и проектот е на врвот. Но, сепак и ние добро играме сезонава, победуваме и одиме по зацртаниот план.

Одиме чекор по чекор, бидејќи овие натпревари се критични за нас сезонава. Нема многу време меѓу натпреварите, но навикнати сме на овој ритам. Најважно е да останеме мирни и да знаеме да се справиме со стресот. Не треба да брзаме и отсега да мислиме на следните натпревари. Мора да се бориме и да дадеме се што имаме в четврток – вели ракометарот на Еурофарм Пелистер, Мохамед Шабиб Мамдух.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот