Рама вели дека ЕУ го сфати значењето на Западен Балкан за нејзината безбедност

Неформален состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот/Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Европска Унија го сфати значењето на Западниот Балкан за нејзината безбедност, откако се соочивме со заедничкиот непријател – рускиот претседател Владимир Путин, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.

– Колку што вие ни требате нам, толку и ние ви требаме вам. Зошто? Прво и основно, за она што ви е најважно – безбедноста, оцени Рама.

Во интервјуто по повод денешниот Самит Украина-Југоисточна Европа во Тирана, на кој учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, и утрешната средба на лидерите на ЕУ и Западниот Балкан, на која фокусот ќе биде на План за раст на регионот и на стабилност на Унијата, Рама нагласи дека западнобалканските држави се подготвени да придонесат во борбата против Русија, особено во услови кога Европа и Западот бараат „оправдувања и ограничувања“ во врска со доставувањето помош за Украина.

– Нашите земји, Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои се целосно солидарни со Украина, ќе им кажат нешто на поголемите, побогатите момци. Нивните ветувања и нивниот ангажман постојат, но не сум сигурен дека оправдувањата за сите овие одлагања и ограничувања може да трае уште долго. Сите мора да испорачаат, додаде Рама.

Според него, овие средби во Тирана и вклученоста на регионот во помошта за Украина веројатно нема да го променат темпото на работите, но не треба да се потцени придонесот и влијанието што можат да го имаат земјите од Западниот Балкан. – Ние си ја вршиме нашата работа, истакна Рама.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, говорејќи за утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој ќе учествува и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Рама истакна дека Планот на ЕУ за раст на регионот, претставува чекор напред во однос на стагнацијата во процесот на проширување.

– Секој чекор напред кон меѓусебно зближување е чекор напред кон Европската Унија. Секој чекор напред кон Европската Унија, е чекор напред кон проширувањето, смета Рама.

Во однос на јунските избори за Европскиот парламент и можниот подем на десницата, Рама вели дека не е загрижен поради тоа, бидејќи Европа може да се промени, но нема да се промени потребата од проширувањето и борбата против заедничкиот непријател Путин.

– Путин помогна (ЕУ) да се разбуди по долгото самозадоволно спиење на Балканот, а во однос на Украина и Молдавија, тоа е колатералниот добар ефект на овој кошмар. Не гледам дека проширувањето е доведено во прашање, изјави Рама.

Во врска со идејата актуелниот холандски премиер Марк Руте да биде идниот генерален секретар на НАТО, Рама вели дека тоа би било „многу добра вест“ за Алијансата.

– Тој е и сто проценти наш кандидат. Со Марк Руте на чело, НАТО ќе има многу вешт политичар и вистински лидер кој знае како да се справи во тешки ситуации и се покажа способен да прави компромиси, нагласи Рама, додавајќи дека Руте е „вистинската личност за да биде гласот на Европа во САД и да разговара со секој американски претседател“, дури и во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот