Рајчановски: Таксистите утре ќе возат нормално, но доколку полицијата казни некого, ќе бидеме многу гласни

Такси превоз / Фото: Архива

Скопските таксисти се револтирани поради тоа што од утре не важат возачките дозволи со старото име на државата Република Македонија, затоа што и тие како и сите други граѓани се соочуваат со проблемите со замена на личните документи. Сепак, во очекување дека Владата со некаква уредба или законска измена ќе го реши проблемот, тие и утре ќе бидат на своите работни места по улиците на Скопје за да им ја пружат на граѓаните вообичаената услуга. Особено поради тоа што јавниот и такси-превозот ќе бидат единствениот избор за многу скопјани, кои сѐ уште немаат нова возачка дозвола, да стигнат на своите работни места.

Како групација не веруваме дека МВР ќе го казнува својот народ за туѓи интереси, не веруваме. Очекуваме дека Владата ќе донесе некоја уредба со која ќе се овозможи повеќе време за замена на овие документи и дека ќе можеме непречено да работиме. Така што, утре ние ќе возиме најнормално, но доколку сепак се случи ситуација полицијата да пише казна, тогаш ќе реагираме. Ќе бидеме многу гласни – вели Сашо Рајчановски претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Тој додава дека таксистите се затечени од ваквите притисоци за промена на докумените, без притоа да се овозможи  замената да се одвива во нормална процедура. Рајчановски смета дека одговорноста треба да ја сносат оние кои во последните пет години и покрај договорот што го склучиле, не овозможиле постепена замена на документите, напротив, дури две години од тој период се издаваа лични документи кои сега се неважечки.

За него, неприфатливо е осигурителните компании да не прифаќаат надомест на штета во евентуална сообраќајна незгода заради името на државата на возачките дозволи.

Договорите со осигурителните компании се прават при регистрација на возилата, значи тие се важечки до следната регистрација. Како може да не прифаќаат надомест за штета? – прашува Рајчановски.

Друг проблем со кој се соочуваат таксистите се налепниците за регистерските таблички, кои и тие како и граѓаните треба да ги добијат во станиците за технички преглед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот