Pixabay

Психолог открива три причини зошто женските пријателства се посилни и подлабоки од машките

Да бидете вистински сакани и забележани е нешто за што секогаш се смета дека се случува само во романтичните врски (под услов да сте го пронашле вистинскиот или вистинската). Но, женските пријателства, иако се платонски, го имаат токму тоа. Тие можат да обезбедат иста интимност, блискост, поврзаност и поддршка што би ја очекувале од партнерот низ сите добри и лоши моменти од животот, како и во тие сиви периоди помеѓу.

„За многу жени, односот со нивните пријателки е речиси центар на нивниот живот. Кога ќе се осврнеме зад себе и ќе погледнеме кој навистина бил тука за нас кога работите тргнале наопаку или кога било навистина тешко, кога не сме биле сигурни кои сме и што сакаме од животот, гледаме дека нашите пријателки биле оние кои ни помогнале да го пронајдеме нашиот идентитет и да станеме посилни со текот на годините – вели д-р Џој Харден Брадфорд, психолог и автор на „Сестринството лекува: Трансформативната моќ на лекувањето во заедницата“ (“Sisterhood Heals: The Transformative Power of Healing in Community”).

Но, зошто овие платонски врски меѓу жените се толку различни, а честопати и подлабоки и посилни, од оние меѓу мажите? Според д-р Брадфорд, женските пријателства се разликуваат од машките пријателства поради овие три уникатни фактори.

1. Жените се зближуваат преку доверување, а не само преку споделување заеднички активности

– Дури и како деца, девојчињата често се поврзуваат со своите врснички преку раскажување приказни, чување и споделување тајни. Од детските паркови и игралишта до училишните клупи, студентските домови и работните места, тие разговараат една со друга за тоа што се случува во нивните животи: си доверуваат една на друга за првите љубови, за стресот на работа или за семејните драми. Ова се мали, секојдневни моменти на интимност што ги обликуваат нивните животи и врски – вели д-р Брадфорд.

– Од друга страна, момчињата, младите и возрасните мажи имаат тенденција да се поврзуваат преку заеднички активности, како што се видео игри, спорт или хоби. Тие моменти можат да претставуваат стабилна основа за градење длабоко пријателство, но оставаат помалку простор за отворени разговори во кои слободно се покажува ранливоста и посилна емоционална интимност, што често е присутно кај женските пријателства.

2. Жените од мали се учат да бидат поранливи

Токсичниот концепт на машкост предолго ги спречувал мажите да пролеат солза кога се разочарани или повредени, бидејќи тоа се сметало за неприродно, па дури и срамно.

– Дури неодамна почна отворено да се дискутира за поздрав пристап и разбирање на машкоста, т.е. дека е во ред мажот да има и да покажува чувства, како и да плаче. Но, кај жените тоа одамна е нормално, дури се охрабруваат да ги покажуваат своите чувства – вели д-р Брадфорд.

3. Жените обрнуваат внимание на ситниците

Д-р Брадфорд забележала дека жените се одлични во запомнувањето на мали, но важни детали од животот на нивните пријателки, без разлика дали станува збор за важна презентација за која била нервозна, редовен гинеколошки преглед што го одложувала затоа што се плашела или состанок на слепо што случајно го споменала за време на последното кафе.

-Жените имаат тенденција да обрнуваат внимание на тие мали детали и да ги направат важни за своите пријателки, а ова е суптилен, но потценет начин да се направи некој да се чувствува забележан, сакан и важен – истакнува д-р Брадфорд.

Тоа е она мало внимание што можеби дури и не го регистрирате во моментот, но со текот на времето, тоа е она што ја гради довербата, интимноста и лојалноста што обично ги припишуваме само на идеалните љубовни врски, а што женските пријателства природно ги негуваат и развиваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот