
Прва Недела на перуански современ филм ќе се одржи во Кинотеката
Следниве денови Кинотеката ќе го претстави циклусот на современ перуански филм во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Програмата на оваа прва Недела на перуански филм почнува на 19 јуни, со проекција на играниот филм „Кралици“ (Reinas, 2024) во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал. Станува збор за приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки, како и нивните општествени предизвици во денешно Перу.
Следниот ден, петок (20 јуни), ќе биде прикажан документарниот филм „Мисија Кипи“ (Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со ковид-19.
Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот „Вкусно сушено овошје“ (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна на жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитет и културното наследство.
На отворањето на Неделата на перуански филм свое обраќање ќе имаат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, и почесниот конзул на Перу во Македонија, Ненад Јаниќевиќ. Сите три проекции се со бесплатен влез за посетителите.