фото: kfsm.mk

Прва лига: МЗТ Скопје Аеродром ќе ја брани титулата, во два „чекори“ го помина Работнички

Со победата од 73:62 во СРЦ „Кале“ екипата на МЗТ Скопје Аеродром обезбеди 17 учество во финалето во кое ќе атакува на својот 10 трофеј во историјата. Во вториот натпревар од полуфиналето на плеј-офот во Првата македонска кошаркарска лига, МЗТ беше подобар од својот вечен ривал Работнички за конечни 2:0 во серијата и ќе ја брани шампионската титула против победникот од второто полуфинале ТФТ Mozzart – Пелистер (0-1).

Нервозата на трибините го донесе и првиот прекин на дербито (фрлени безброј хартиени ленти на теренот), по неполни шест минути, кога, резултатски гледано, Работнички поведе со 12:9. Андоноски беше изненадување, макар и делумно, за одбраната на Работнички во првите минути од втората четвртина. Не и Војдан Стојановски по чиј точен обид за три поени, МЗТ Скопје Аеродром поведе со 25:21 во 13 минута.

фото: kfsm.mk

Нешто повисока беше позитивата за гостинската екипа (32:27), кога положи Кук, а останаа 3:20 минути до истекот на првото полувреме. Капитенот Горјан Марковски ги реализираше следните три напади на „црвено-белите“, доволно за резултатски приклучок, (30:32). Но, следуваа пет поени по ред на „металците“, за највисоката разлика во првото полувреме, (37:30), креирана од Кук и Вер, со дополнение на В. Стојановски. По неговиот 11 поен, „сино-белите“ се одвоија и на 39:32, пред Вер да погоди тројка од осум метри и постави 42:34 на семафорот, пред заминување на голем одмор.

Работничи беше екипата која подобро го отвори и второто полувреме. Направија „црвено-белите“ серија од 7:2 со која за три и пол минут игра се доближија на 41:44. Неполни две минути подоцна, по тројката на Умпиг, Работнички беше екипата која водеше, макар и минимално (46:45), знак за тренерот Атанасов да потроши уште еден тајм-аут.

фото: kfsm.mk

Многу подобро, особено во одбраната, функционираше Работнички, и за скоро осум минути, екипата од Аеродорм реализираше скромни шест поени. Доволно Работнички да се одвои, макар и на „плус четири“, (52:48). Само до моментот кога Војдан Стојановски погоди нова тројка, да ја врати ситуацијата на теренот кон егал (51:52). Сличен беше резултатот, (54:53), и по 30.минути…Работнички имаше проблеми во реализацијата на шутот, особено за три поени (2/19), МЗТ Скопје пак се мачеше од линијата за слободни фрлања (8/15), но поведе одново, сега со (60:56) по нешто повеќе од три минути игра од последната четвртина.

Бакоч ја прекина серијата од 9:2 на гостинската екипа, но Вер беше прецизен за три поени, и го натера тренерот Димитар Мираковски за кратко време да земе уште една минута одмор. МЗТ Скопје одново имаше солидни 65:58 на 4:54 минути до крајот. Повисоки ги направи Кефи, украде топка и положи за највисоко водство на гостите (67:58).

Но и многу пократко време за Работнички да се врати назад во мечот број 2 од полуфиналето, само 3:12 минути. Период во кој аеродромци направија 16:4 кои сериозно ги доближија кон влезот во големото финале и одбрана на титулата. И успешно се одбранија од последниот обид на ривалот, доволно за пласман во финалната серија. В. Стојановски и Кук реализираа по 18 поени за клубот од Аеродром, а за тимот од Градски парк Малешевиќ застана на бројката од 14 поени, еден помалку запиша Ѓелетовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот