
Прв состанок на Движењето за народот и државата во Белград
Критичарите на новото движење го посочуваат како парадокс фактот што формирањето на движењето е иницирано од владата, поточно претседателот на државата кој ја ужива најголемата политичка моќ во земјата
Во Белград денеска се одржа првиот состанок на иницијативниот одбор за формирање на сенародно – Движење за народот и државата, каде српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата изјави дека е време да се артикулира големата сила на народот и да се обедини сета интелигенција и патриотизам за да се обликува иднината.
Препорачано
„Симболично, во куќата на кралот Петар Први започнавме голема работа. Да понудиме надеж, стабилност, безбедност и иднина на Србија и нашите деца. Денеска го одржавме првиот состанок на иницијативниот комитет за формирање на сенародното движење за народот и државата “, објави Вучиќ на Инстаграм.
На состанокот на иницијативниот одбор на „Движењето за народот и државата“ учествуваа и неколку членови на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), факултетски професори, претседателот на Асоцијацијата на Албанците во Србија и други, јавија белградските медиуми.
Претседателот Вучиќ со години најавува формирање на движење, а собирот на СНС во јануари во Јагодина го означи како почеток на процесот на создавање на „Движењето за народот и државата“.
„Денеска се исцртуваат контурите и патот кон добра и сигурна иднина за нашата Србија, пат кој води до просперитет, напредок и слобода за сите идни генерации“, рече Вучиќ.
Критичарите на новото движење го посочуваат како парадокс фактот што формирањето на движењето е иницирано од владата, поточно претседателот на државата кој ја ужива најголемата политичка моќ во земјата.
Причините за формирањето на ваквото движење, посочуваат аналитичарите, треба да се бараат во тоа што по повеќе од една деценија на власт, на Српската напредна странка и се потребни реформи, но и во повеќемесечната политичка криза во која се наоѓа Србија.
„За да ја пригушите критиката, треба да направите некакво сериозно, не би рекол ребрендирање, тоа е преблаг збор, неопходно е да се направи голема, фундаментална реформа со нови лица и нови содржини за да се стекне основата за нов политички легитимитет“, рече извршниот директор на ЦЕСИД, Бојан Клачар, пренесува Еуроњуз.