Протести против расизмот низ цела Америка

Во Њујорк, во Бруклин и Менхетен, илјадници протестираа и останаа до доцна вечерта, скандирајќи, барајќи правда, во судир со претставниците на законот. Гневните граѓани превртија стотина возила, 15 луѓе беа задржани.

Протестите поради смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец кој беше брутално задушен од полициски службеник во понеделникот во Минеаполис, се проширија низ цела Америка, од источниот до западниот брег на земјата.

Протестите и нередите поради расизмот и самоволието на униформираните лица ги вратија спомените од свежите изблици на гнев по случаите на полициско насилство и стрелби врз претставници на црномурестото население во Фергусон, Балтимор и Шарлот пред неколку години.

Синоќа, демонстрации и судири со полицијата имаше во Филаделфија, Питсбург, Мајами, престолнината Вашингтон, Атланта, Денвер и Милвоки, потоа во Чарлстон, Јужна Каролина, но и во Флорида, Тексас, Тенеси, Охајо и Јута.

Полициски часови беа воведени во повеќе градови, како мерка да се спречи собирање во толпи, кога пандемијата од коронавирус сеуште ги тресе некои делови од САД. Полицијата во многу случаи употреби солзавец за да ги растера толпите.

Полицискиот час продолжи во Минесота, а беше воведен и во Луисвил, Кентаки, каде гневот беше изразен поради неодамнешната смрт на црномуреста жена од страна на полицаец, во инцидент што се случил во домот на жената.

Во Њујорк, во Бруклин и Менхетен, илјадници протестираа и останаа до доцна вечерта, скандирајќи, барајќи правда, во судир со претставниците на законот. Гневните граѓани превртија стотина возила, 15 луѓе беа задржани.

Протести имаше пред градското собрание на Сан Франциско, толпа од илјадници го запре сообраќајот во центарот на Мајами, каде полицијата употреби солзавец.

Во Минеаполис, каде се случи убиството на Флојд, и град што настрада најмногу, синоќа помина петтата ноќ протести. Гувернерот на Минесота ја активираше Националната гарда, но не прифати помош од армијата и распоредување на воена полиција понудена од министерот за одбрана, Марк Еспер.

Околу три илјади протестанти се собраа и во Чикаго, палејќи знамиња, оставајќи зад себе запалени возила и графити со спреј на објектите.

Протести синоќа имаше во над триесет градови во САД. Протестантите го изразуваа својот гнев поради самоволието на униформираните лица, а во некои случаи ним им се приклучуваа и локалните власти, како градоначалничката на Чикаго, Лори Лајтфут. Сепак, повика луѓето да се воздржат од насилство.

Слично, во Лос Анџелес, имаше протести како сеќавање на бруталното претепување на Родни Кинг од страна на полицијата во 1991 година.

Во некои градови властите предупредија дека во мирните протести се инфилтрираат екстремисти, дојденци од други градови за да прават неред и да нанесуваат штети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот