
Пронајдени јагленисани коски на ранч во Мексико, властите ветуваат: Вистината ќе се открие
Мексиканскиот јавен обвинител Алехандро Херц вети во средата дека „ќе се открие вистината“ за јагленисани човечки коски пронајдени на напуштена фарма, која наводно била претворена во камп за обука за членови на нарко картел во северозападниот дел на земјата.
Препорачано
Бидејќи има огромен број „докази“ пронајдени на 5 март на овој ранч во државата Халиско, се очекува да се проверат фактите, соопшти Херц за време на прес-конференцијата за случајот.
Страотните сознанија беа болно потсетување за граѓаните дека во земјава има над 100.000 исчезнати лица, како и екстремното насилство и бруталност на трговците со дрога и неефикасноста на правосудниот систем.
На фармата, во Теучитлан, на околу 60 километри западно од Гвадалахара, главниот град на државата Халиско, група роднини на исчезнати луѓе пронашле, покрај јагленисани коски, десетици пара чевли, облека и лични предмети.
Овој колектив зборуваше за „крематориуми“, нешто што надлежните не го потврдуваат.
Халиско е државата најтешко погодена од исчезнувања во земјата, со приближно 15.000 такви случаи.
Тоа е исто така упориште на картелот Халиско Нова генерација, една од осумте латиноамерикански криминални организации неодамна додадени на црната листа на „терористички“ организации од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Пронајдените коски можеби припаѓаат на млади мажи кои биле киднапирани во областа од страна на КНГХ, насилно регрутирани и обучени, додека некои биле егзекутирани поради непочитување на наредбите што им биле дадени, според експертите.
Јавниот обвинител Херц ги критикуваше грешките на првичната истрага, спроведена во септември од обвинителството на Халиско, откако властите го открија ранчот по судирот меѓу вооружените лица и Националната гарда.
Десет лица беа уапсени, а двајца наводни заложници беа ослободени, објави Националната гарда на 20 септември.
Локалните власти набрзина ја затворија истрагата, која беше далеку од темелна, според Херц. Не се собрани основни докази, отпечатоци од прсти, сведоштва од соседите, додаде тој.
На прашањето дали верува дека овие пропусти се поради неспособност или евентуална поврзаност со организираниот криминал, јавниот обвинител одговори: „Тоа се два случаи што треба да ги проучиме“.
Во државата Халиско, владее центристичкото Граѓанското движење, додека на федерално ниво и во повеќето од 32 мексикански држави, управува владејачката партија МОРЕНА (националистичка левица).
ОН пред неколку дена праша како е можно обвинителството на Халиско да не може да собере „критични докази“ на фармата.
„Ги повикуваме мексиканските власти да гарантираат дека ќе бидат спроведени темелни, независни, непристрасни и транспарентни истраги за злосторствата извршени таму“ и „да ги интензивираат напорите за идентификување на пронајдените човечки останки“ на ранчот, рече Елизабет Тросел, портпарол на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, во соопштението за печатот објавено минатиот петок.