Промоцијата се одржа во „Мала станица“

Промовирана е збирката со изложбена поезија „Стражари на ноќта“ од Марија Митева

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје на 1 ноември се одржа промоција на збирката поезија „Стражари на ноќта“ од Марија Митева, во издание на „Полица“. Присутните имаа можност да ги погледнат 24-те песни од збирката, изложени во форма на 24 дизајнирани постери во голем формат.

Збирката, пак, наместо меѓу корици, е во форма на папка во која се сместени 24-те песни на издизајнирани листови во А4-формат, кои можат да се врамат и изложат. Тоа е и идејата на поезијата што Митева ја нарекува изложбена поезија.

Зад дизајнот на песните на Митева се потпишуваат седуммина уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори, и тоа: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска.

Збирката поезија наместо меѓу корици е во форма на папка во која се сместени 24-те песни

Уметниците работеа со четирите „бои на ноќта“ и преку своите илустрации имаа предизвик да го претстават своето видување на различните теми на песните. А темите кои се во фокус на поезијата на Митева се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби што се нераскинлив дел од општественото битисување.

– Идејата зад збирката илустрирана поезија „Стражари на ноќта“ е споделувањето. Споделување на размислувања, идеи, креативност и светогледи со уметници од различни гранки, па следствено на тоа e и нејзиниот формат: папка со 24 постери кои може да се подарат, споделат, врамат секој посебно или како една целина. Така што, ова дело продолжува да се создава и реобмислува и по неговото издавање. Оттука, креативноста е во окото на читателот/гледачот – истакна авторката.

„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 203, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот