Проколнатата „деветка“ во Челси уништи уште една кариера: Сега никој не сака да ја носи

фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Иако „деветката“ е наменета за напаѓачите, кој и да го добие овој број во Челси исчезнува во рок од една година поради што на „Стемфорд бриџ“повеќе никој не сака да ја носи „деветката“ бидејќи сметаат дека е проколнат број.

Дури ниту Ромелу Лукаку за кого Челси минатото лето плати 120 милиони евра не успеа да ја симне клетвата која веќе 18 години „ги уништува“ кариерите на фудбалерите.

Лукаку кој дојде со епитетот на еден од најдобрите напаѓачи на денешницата и кој беше назаслужен за освоената титула на Интер во Серија А, изминатата сезона целосно потфрли во Челси постигнувајќи скромни осум гола. Белгиецот по само една сезона на „Стемфорд бриџ“ одлучи да се врати во Интер за двојно помала плата, само за да се отараси од Челси и проколната „деветка“

Тој е само една во низата жртви на проклетството кое трае од 2004 година, кога легендата на Челси, Џими Флојд Хаселбенк кој беше последна деветка што даваше голови, си замина без отштета во Мидлсброу.

Првата жртва на проколната „деветка“ во Челси беше Матеја Кежман, кој пристигна од ПСВ. Србинот кој требаше да биде новиот лидер во нападот, си замина од Челси по само една година и постигнати четири гола во 23 натпревари.

Следен кој се обиде да го симне проклетството беше Ернан Креспо, но тој беше малку поуспешен од Кежман, на 42 натпревари даде 13 гола.

Ернан Креспо/фото: EPA/HUGO PHILPOTT

Следен сопственик на дресот со број девет беше дефанзивецот Калид Буларуз. Иако не беше задолжен за голови, сепак „деветката“ му ја уништи кариерата во клубот, бидејќи се мачеше да се врати во форма и прво беше испратен на позајмица во Севиља, а потоа продаден во Штутгарт во 2008 година.

Додека Буларуз беше на позајмица, „деветката“ ја задолжи играчот од средниот ред Стив Сидвел, но и покрај 25-те настапи во сезоната 2007-08, тој не успеа да се наметне и да се избори за место во првиот тим покрај играчи како Френк Лампар, Микел Есиен, Клод Макелеле и Михаел Балак. По само една сезона, Сидвел беше родаден на Астон Вила, па „деветката“ си најде нова жртва во Франко ди Санто.

Аргентинецот имаше само 19 години кога ја задолжи „деветката“, но одигра само осум натпревари пред да биде продаден на Блекбурн.

Фернандо Торес/фото: EPA/LINDSEY PARNABY

Челниците на Челси тогаш се одлучија да пресстанат да експериментираат со млади и недокажани играчи и „деветката“ ја ставија на грбот на Фернандо Торес, кој во јануари 2011 година стана шестиот најскап фудбалер во историјата кога пристигна од Ливерпул за 50 милиони фунти.

Но, ниту Торес не успеа, постигна само еден гола на 18 натпревари до крајот на сезоната. За споредба, Торес за Ливерпул даде девет гола на 26 натпревари во првите шест месеци од таа сезона.

На крајот успеа да му ја донесе на Челзи првата титула во Лигата на шампионите во 2012 година, но во неговите три и пол сезони во клубот постигна само 45 гола на 172 натпревари.

Ниту неговиот наследник Радамел Фалкао немаше подобра среќа, тој пристигна како позајмен играч од Монако и даде само еден гол на 12 натпревари пред да се врати во Франција каде даде дури 30 гола на 43 натпревари.

Алваро Мората/фото: EPA-EFE/GERRY PENNY

Следен беше Алваро Мората за кого Челси плати 60 милиони фунти на Реал Мадрид. Но, како и неговите претходници во Челси, и Мората буквално пропадна во земја за една ипол година.

Гонзало Игуаин беше третиот аргентински напаѓач кој го задолжи дресот со број девет во Челси, но за шест месеци одигра 14 натпревари и постигна пет гола. Не е лошо со оглед на историјата, но сепак тој не направи ништо и го напушти клубот во 2019 година, оставајќи ја „деветката“ без сопственик.

Тоа отиде кај Тами Абрахам кој е, производ на академијата на Челси и за кого сметаа дека неговиот талент ќе биде доволен за да се тргне проклетството. Абрахам во сезоната 2019-2020 успеа да постигне 18 гола и беше најдобар стрелец на клубот, но проклетството го стигна следната сезона кога по серијата лоши игри остана без место во стартниот тим и потоа беше продаден на Рома.

И така дојде „деветката“ кај Лукаку кој успеа да издржи само една сезона.

Следната сезона деветката во Челси ќе биде слободна бидејќи никој не сака да кариерата да му тргне во надолна линија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот